Време е човекот одново да ја обмисли својата иднина

Светскиот ден на планетата Земја, 22 април, е потсетник дека грижата за единствениот дом што го имаме во вселената треба на сите да биде примарна цел.

Борбата против климатските промени, од кои опасноста е сè поголема, во светот се одбележува преку бројни акции и настани  за јакнење на јавната свест за заштита на животната средина, зачувување на природните ресурси на земјата и создавање одржливо и здраво општество за сите.

ЦИВИЛ-Центар за слобода веќе започна со проектот „Акција-интеграција“ чија цел, меѓу другото е и јакнење на јавната свест за граѓанско учество, разбирање и застапување на зелените вредости и иницијативи.

ЦИВИЛ ќе продолжи да ги брани своите бескомпромисни позиции за социјална и еколошка правда во општеството. Личната среќа, здравјето, човечкото достоинство, човековите права и слободи, меѓу кои е универзалното човеково право да живее и работи во чиста и здрава животна средина се основата на нашите заложби во оваа сфера.

Застапувањето, промоцијата и почитувањето на зелените вредности се дел од европските вредности. Секојдневно и насекаде ќе се залагаме за овие вредности, без оглед на тоа дали нашите активности и проекти имаат истакнато "зелено знаменце".

Доаѓа време кога мораме без заобиколување, чесно и отворено, да посочиме на лажните и лицемерни ентитети кои само декларативно се изјаснуваат како зелени и кога проектит за одржливост се само декор на експлоататорски и анти-еколошки политики и практики. Ние велиме СТОП за злоупотребите. Очекуваме институциите и граѓанското општество прво да научат, а потоа да почнат и да ги почитуваат зелените вредности кои се дел од европските и светските цивилизациски вредности.

Ниту планетата Земја, а ниту нашето општество веќе не можат да толерираат манипулации. Време е човекот одново да ја обмисли својата иднина и да зачекори кон неа. ЦИВИЛите веќе чекорат кон таа иднина.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish