Манифестацијата „Вечери на женски права“, која се одвива под покровителство на Град Скопје, во своето седмо издание, од 7-ми до 12-ти март, опфаќа голем број на активности: изложби, дебати и проекции на филмови на неколку локации: Кинотека на Македонија, Културно информативен центар и хотелот „Холидеј ин“.
Денеска со почеток во 20:00 часот манифестацијата ќе ја отвори изложбата „Нераскажаните приказни на суперхероините 3“ во Изложбениот салон „Империјал“ 1 во КИЦ.
По повод 8 март, утре ќе се одржат повеќе активности. Во хотелот „Холидеј ин“, со почеток во 09:30 ќе се одржи тричасовна конференција за одбележување 10-годишнината од донесувањето на Законот за еднакви можности на жените и мажите - „Финансирање за родова еднаковост и Агендата 2030“.
Преводот на третиот том од едицијата Историја на жените на Западот - „Парадокост на ренесансата и просветителството“, во издание на Филолошкиот факултет Скопје, ќе се промовира во КИЦ, во 13:00 часот, а вечерта, во Кинотеката на Македонија, со почеток во 20:00 часот, ќе се прикаже филмот „Слободниот глас на Египет Навал Ел Садави", во режија на Констанзе Буркард. Вториот ден од манифестацијата ќе заврши со дебата на тема „Зошто феминизмот има толку непријатели“.
Во рамки на „Вечери на женските права“, од 9-ти до 12-ти март, предвидени се и проекции на неколку филмови: „Танџер гол“,„Да си ја знаеш слободата", „Солидарност од женски аспект“,„Ипсилон", „Жената е човек", „Украдена насмевка", „Одзив", „Нескршлив ум", „Аристофан во Днопоље“ и „Двојна исклученост: жените од руралните средини“.
Предвидени се и две дебати: „На две патеки: мажите и жените во спортот“ и „Родовата еднаквост на политичката агенда“.
Седмото издание на „Вечерите на женски права“ ќе се затвори со прикажувањето на филмот „Бог не работи во недела!“.
Оваа вест е достапна и на: Albanian