Да расчистиме веднаш, драги мои лепотанки и лепотани, Младичот со кристалната топка, т.е мојата маленкост, уште одамна јавно ги објави и обзнани неговите големи резерви околу успехот на ад-хок телата, со кои се прави компромисен обид да се ублажи окупацијата, односно, безобразната пенетрација и силување на институциите од страна на партиите на власт. Имено, со договорот постигнат меѓу четирите најголеми партии, наместо департизација на Јавното обвинителство и Агенцијата за медиуми, добивме паралелни и специјални институции, кои треба во кус рок да го направат она што редовните институции не го правеле или не успеале да го направат со години
И сето тоа - во многу оневозможувачки услови - "тефтер" судство, сè уште окупирани независни комисии и контролни механизми (Антикорупциска, Антидискриминациска итн...), жестока доминација на медиумскиот дискурс од страна на власта, купување медиуми и цели категории на луѓе, со народни пари и оцрнување и закани кон секого што мисли поинаку.
Јасно ни е на сите дека враќањето во нормала ќе биде тешко, речиси невозможно, во вакви услови и со ваква траекторија која се детерминира од нашата нова пржинска „правна рамка“. За медиумското тело, на пример, таа е мошне тесна, и не овозможува суштинско влијание за почитување на стандардите при известување за изборите.
Со благите санкции и методологијата која е фокусирана на балансот, а не на квалитетот на информирањето (правото на информиран избор кое е најважно во овој контекст, а е недоволно адресирано), со само делумно адресирање на суптилните форми на фаворизирање или стигматизирање кои ги владеат медиумите, ад-хок медиумското тело ќе има мошне мали шанси да се наметне како „судија" во нашата медиумска џунгла. Далеку се поголеми шансите тоа да заврши како тело за „легитимирање" на кредибилитетот на изборите од медиумски аспект.
Па, чуму тогаш Младичот реши да влезе во ваква сизифовска борба, во која резултатот е однапред познат?
Прва цел на Младичот, драги мои, беше да се обиде да ја расипе оваа однапред детерминирана игра, и да придонесе, колку што е возможно, преку максимална транспарентност и вклученост на граѓаните во работата на ова тело, за воспоставување на друг тип на однос на сили во оваа игра. Од објавувањето на "бомбите" па наваму, инсистирам на вклучувањето на граѓаните во процесите кои ја трасираат нивната иднина. Тоа беше едно од најгласните барања на сите масовни протести на граѓаните, едно од оние за кои најмногу ме боли што не е испочитувано, бидејќи ги остави создавачите на проблемите, сами да решаваат за излез од проблемите.
Елем, затоа, не претендирам во ова тело да ги претставувам новинарите, туку граѓаните. Мислам дека јавноста исто така, треба да знае дека бев контактиран од опозицијата и ми беше понудено да бидам еден од двата предлози од нивна страна за ад-хок телото. Јас се заблагодарив на таа понуда и не ја прифатив. Околу кого и што претставувам - тоа нека е прво јасно.
Второ, сакав да придонесам со стручност и компетентност, во време кое е клучно за иднината на земјата, а со тоа, и на иднината на моето семејство. Во време, во кое многумина обвинуваат дека „оние што знаат - молчат".
Можеби звучи нескромно, но со полна одговорност тврдам дека професионалната биографија на Младичот е најбогата и најрелевантна токму во однос на медиумскиот мониторинг за избори. Во однос на сите кандидати, и на оние што веќе седат во ад-хок телото. Некои од нив можеби имаат пошироки познавања и стручност од младичот во други медиумски области, но за ова, ситуацијата е, за жал или за среќа, таква.
Доказ за тоа се медиумските мониторинзи на МИМ при изборите во 2008-та, 2009-та, 2011-та (каде што бев раководител на мониторингот и ко-автор на студиите), кои не ги оспори ниту еден медиум, ниту една партија. А имаа шанси. Но, молчеа.
Или, пак, мониторинзите на ОБСЕ/ОДИХР, во чии тимови за мониторирање на медиумите при изборите, младичот учествувал повеќепати, и за време на владеењето на СДСМ и за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа нека им е јасно на сите. Токму таква стручност недостасува, според мое мислење, во ова тело. А избориве, ќе повторам, не се било кои и било какви избори. Според мене, овие избори ќе ја определат иднината на земјава.
Трето, сакав да покажам дека и покрај ограничувачкиот „терен за играње", оваа комисија може да постигне многу повеќе - доколку демонстрира интегритет, непопустливост кон партиските интереси и гласност; доколку комуницира далеку почесто и поинтензивно со граѓаните и медиумите отколку што е тоа вообичаено за државни институции; доколку се обиде да едуцира и описменува; доколку „гине“ со срце за граѓаните и јавниот интерес....
Сакав да покажам дека она што се обидува да го прави СЈО не е „инцидент", туку начин на којшто треба да се однесуваат институциите и оние што добиваат плата од граѓаните. Сакав да бидам втората ластовичка, за да дојдеме уште поблиску до будење на јатото.
Секако, сакав да им ја отежнам и играта на началниците (вклучувајќи ги и оние демек, „незаинтересираните" од ДУИ), кои очигледно, имаат свои фаворити меѓу кандидатите за петтиот ад-хок елемент. Си помислив, што повеќе жртви меѓу кандидатите кои вредат, тоа потешко ќе биде да се избере кандидатот на ВМРО-ДУИ.
Затоа, свесен дека можеби ќе бидам меѓу првите што ќе "падне", влегов во оваа трка, за барем да му дадам скаличка повеќе на некој од кандидатите што според мое скромно мислење вредат, за какви што ги сметам, на пример, Илир Ајдини (екс - потпретседател на Советот за радиодифузија) или Сефер Тахири (доктор на медиумски науки, со учество во истражувачки проекти за медиумски мониторинг за изборите). Како што гледам, барем од овој аспект, работите не течат глатко, и не можам да речам дека не ми е драго.
Ад-хок телото заглави на својата прва задача. Сега, ако не сакаат да играат дополнителни циркуси со нашиот правен поредок, политичарите треба да се вратат во Собранието и да најдат преку него, излез од оваа ситуација. Секое друго решение е продолжување на циркусот.
Најарно ќе беше да се прифатат законските решенија, кои ги подготви и ги поддржа медиумската заедница, меѓународниот посредник Ванхауте, опозицијата и граѓанските движења, ете, и сега шанса да се вратиме на здрав почеток. Ако не, борбата за слободата но и одговорноста и интегритетот на медиумите мора да продолжи, и ад-хок и во континуитет, со сите легитимни средства!
На крај, Младичот има и порака до началниците: благодарам на честа што ми ја укажавте со моето отфрлање „на прва", покажавте дека ме сметате за сериозен противник. Благодарам што за мене и јавноста ги откривте и вашите „тајни оружја“, кои мораше заедно со куририте да лаат (дури и погласно од нив) против мене и другите пристојни кандидати и да излезат на ачик како ваши слуги. Да ти се „заблагодарат" на ваков начин гробарите на медиумските слободи во Македонија, е навистина големо задоволство!
Во тоа име, слободно сметајте и понатаму на мене, началници! Додека дишам, или додека не видиме троа повеќе светлина во медиумскиот мрак што ни го донесовте и наметнавте, ќе ме имате на врат!