Загадувањето на Скопје

Од деновите кога растев во Скопје, како ученик во основно, најраните сеќавања ми носат прекрасни пејсажи од мојот главен град. Дури и од прошетките низ градот, не  паметам големи магли и тие секогаш биле една чудна појава за мене, почудна од појавата на снегот што го имавме често.

Ермин Климента

Пишува: Ермин Климента

Како што раснев, градот се смалуваше, но од мојата лична перспектива, тој исто така, почна да се менува. Како припадник на една од ретките генерации која ќе го памети своето тинејџерство во убавото Скопје, она нашето, откако главниот град ја замени природата со барокното загадување, се чувствувам како сираче останато без својот дом: собено кога во живо гледам како го менуваат лицето на мојот, некогаш скромен град.

Скромен, но полн со дух, специфичен мирис и неверојатен живот... Град во кој, барем во моето маало, одѕвонува џагорот на децата низ сокачињата, кои како вени се составуваа со градските артерии, со улиците и булеварите со дрвоореди . Најчесто, патот не водеше до Паркот каде другарувавме, се бакнувавме и научивме дека само парите не можат да сменат еден живот, поставен така да не му е потребно многу - за да се биде многу, многу среќен.

Менувањето на мојот град започна со некои политички промени за кои сега сум свесен, но тогаш..., политичкиот свет ми беше многу далечен, и за него бев заинтересиран - колку што жителите на Конго, на пример, се заинтересирани за македонската политика. Но, промените ги почувствува и лично. Врз своја кожа. Знам како е да почне да ти се менува градот, да станува поблед, посив...
Некој ќе каже - до зимата е. Едноставно, не е тоа, по долгите скопски лета, почнувавме да ги сакаме зимите: замрзнатоста на тротоарот по кој се движевме секоја вечер и веселата, убава атмосфера која, за жал, не сум ја почувствувал веќе со години.

Ги гледам сограѓаните како се менуваат последниве години, нивните изрази се сé потажни, а нивните реакции се сé потивки и драстично подепресивни. Народот е константно лут, енергијата е лоша и го нема добриот дух како некогаш. Искрено, и не знам дали ќе се врати.

Мислите дека ова е текст за загадениот воздух? Да, ќе зборувам и за тоа, но претходно сакам да прашам нешто. Дали воздухот најпрвин го загадивме со нашата пасивност и ароганција? Дали неранимајковците прво го загадија воздухот и нашите животи со криминал и насилство? Мислам дека одговорот е јасен.

Колкумина од нас имаат проблеми и со дишењето? Јас сум еден од тие. Срцето чудно ми чука последниве години. Поради загадувањето, велат докторите. Ги слушам и читам високонаучните изрази и објаснувања од типот: „Загадувањето не бира, нѐ допира сите нас. Но, најсилно ги погодува најранливите категории, старите лица и најмладите се во најголема опасност од опасните ПМ10 честички кои навлегуваат длабоко во белите дробови и често предизвикуваат иритација на очите, ирегуларно чукање на срцето, срцеви удари, кашлање и намалување на функцијата на белите дробови, како и до прерана смрт на луѓето болни од срцеви и белодробни заболувања“.

Секако дека оваа мачна состојба не е предизвикана само од промената на воздухот и од гадостите кои ги вдишуваме. Тој воздух, таа атмосфера, донесоа смрт по болниците. А медицинскиот персонал се претвори во бирократска апаратура и пополнува формулари, наместо да ги лечи луѓето. Јавното здравството ни е никакво. Во крајно загадената атмосфера... Институциите не се справуваат со загадувањето, бидејќи полесно им е да се преправаат дека тоа, едноставно, не постои. Тие дишат нешто различно од сите нас?.

Татко ми вели: „Сине не е битно колку пари имаш, во гроб нема да ги носиш, најважно е да те паметат како добар и чесен човек“

И јас, го слушам. Навистина ги сакам луѓето без разлика на верата, нацијата или партиската припадност. И без разлика на воздухот што го дишат. На крајот на денот, мора да се вратиме на тоа дека сме сите исти луѓе, создадени од истите работи кои го сочинуваат секое човечко суштество. И, ако заедно не се избориме за подобро утре, нашите деца и внуци ќе живеат во далеку полоши услови, од овие во кои ние денес преживуваме. И ќе дишат уште полош воздух.

И ќе бидат уште понегативни.

Сепак, Ве сакам сите.

Ермин Климента