Од кого и што до толку се плаши Владата на Никола Груевски? Ако веќе министрите, свесни за своите грешки, мораат да се заштитуваат од граѓан(к)ите со железна ограда, зошто мораше да се огради и споменикот на антифашистите? И каква порака им се праќа на македонската и светската јавност, наспроти Денот на востанието, 11 Октомври?
Споменикот на ослободителите на Скопје, што се наоѓа во зеленилото пред објектот на Владата, сега е заштитен со железна ограда, веројатно, во рамки на самооградувањето од јавноста кое веќе девет години на сите нивоа, доследно го спроведува власта. Владата чии функционери во сите досегашни мандати бегаа(т) од новинарите, освен ако не се работи за однапред режирани ПР-интервјуа со подготвени прашања за кои министрите ги учат одговорите наизуст; онаа Влада која крена огромни бетонски столбови за ограда со која ќе се дистанцира од сопствените граѓан(к)и, се дрзна и да огради еден од најбитните споменици на македонската антифашистичка борба!? Паметникот за ослободителите!
Оградата од ковано железо со која Владата продолжува да се заштитува од народот, чини дури 700.000 евра, и е дел од проектот за реновирање на фасадата на новиот, „барок“-објект, кој, според медиумите, е проценет на над девет милиони евра!? Со неа, Владата го спречи пристапот на граѓан(к)ите до монументот на борбата која во голема мерка влијаеше на конечното остварување на вековната желба на македонскиот народ да има своја држава и која играше клучна улога за афирмирање на македонскиот идентитет.
Иако Васе Доневски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, за медиумите објасни дека биле предвидени шест влезови кон Владата, кои ќе бидат отворени за граѓаните во работните денови (од кои еден е точно кај споменикот), никој не ни спомна дали Владата ќе им дозволи на граѓаните токму на празникот - во недела - да пријдат и да им оддадат почест на хероите?
Или, некој сака да го спречи таквиот свечен чин, и токму на големиот празник 11 Октомври, да ги оневозможи граѓан(к)ите да ги чествуваат луѓето кои и ја донесоа слободата на Македонија?
Во актуелната политичка клима, неизбежно е и саркастичното прашање: дали можеби со оградувањето на Владата, одделни носители на јавни функции се навикнуваат на животот зад решетки?
Емрах Реџепи
Оваа вест е достапна и на: English