„Во Македонија се наталожува сиромаштијата, се заборава сиромаштијата, институциите не функционираат, дури како да е тоа цел. На политичката елита и одговара во моментот да има сиромашни и социјално исклучени граѓани, затоа што полесно може да манипулира со нив. Затоа што, ако некому минимумот му е задоволен, тој ќе размислува и како да му стане подобар животот“, изјави во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, Мила Царовска, активист и експерт за социјална правда.
ЦИВИЛ Медиа: Колку политичката криза во Македонија, влијае врз егзистенцијалните проблеми на социјално ранливите категории на граѓани?
ЦАРОВСКА: Политичката криза влијае врз сите граѓани, и врз граѓаните кои живеат во социјален ризик. Поради тоа што во моментов се работи на разрешување на политичката криза, ова време може да се искористи за креирање на нови политики и нови стратегии - како овие граѓани се извлечат од социјалната исклученост, да се намали сиромаштијата во која живеат... Во Македонија има еден социјален систем, но се плашам да го наречам систем, затоа што секогаш кога ќе има потреба од него, тој нема одговор, а тоа кажува дека системот не функционира, на ниво е на нефункционирање. Зошто? Затоа што е создаден во време кога мал број на граѓани биле невработени и имале потреба од поддршка од државата. Сега, кога имате четвртина од граѓаните кои се невработени, кога имате третина од Македонците кои живеат во сиромаштија, не може да одговарате со овој тип на социјална заштита и институции кои ги имаме во моментов. Тоа треба да е една мрежа којашто во моментот кога влегувате во социјален ризик треба да помогне, затоа што секој од нас може да остане невработен, да биде во процес на развод, да има дете со одредено однесување за кое треба поддршка... Државата и системот, кога веќе се нарекуваат социјални, треба да ве извлечат, да ве прифатат и вие понатаму да продолжите, или да се вратите во општеството да живеете во нормален тек.
Тоа го немаме, и тоа не го велам напамет. Многу ги критикував политиките и како активист, а бев и советник на министерката Фросина Ташевска Ременски. Ќе видите дека внатре се одговара шаблонски, нема индивидуален пристап, има институции во кои ниту е инвестирано, ниту се отвораат нови, согласно новите текови, а не се ни инвестира во човечки ресурси... И во Заводот за статистика да проверите, ќе видите дека постојано расте нестручен кадар, шофери, архивари, хигиеничари, а нема раст на бројот на стручни кадри, педагози, психолози, правници... Ако некој праша - зошто не одат луѓето во Центарот за социјална работа, ќе им помогнат, одговорот е - луѓето се плашат. И, со право се плашат! Тоа е место каде вие сте на дното, оти ако сте примател на социјална помош, наместо државата да ве извлече - во тој период на сиромаштија, таа ве држи два пати под линијата на сиромаштија!? Завод за статистика процени дека за четиричлено семејство потребни се 12.000 денари, за да бидат на линија на сиромаштија. Државата за четиричлено семејство исплаќа околу 4.700 денари, а тоа е двапати под линијата на сиромаштија. И затоа, не знам за кој дел од системот да зборувам дека е нефункционален, за да ја приближам сликата. Затоа е потребно целосно обновување на тој систем. Мора да има и услуги, не се само парите битни. Поддршка за вработување, за чување деца, поддршка за извлекување од одредено социјално поведение, различни сервиси кои ќе се соединат со пари, и тогаш, се добива систем за социјална заштита.
ЦИВИЛ Медиа: Дали овие проблеми се надградуваа едни врз други во континуитет, во еден подолг временски период? И ако е така, како вие би го оцениле водењето на социјалната политика во Македонија?
ЦАРОВСКА: Социјалните проблеми не се само во нашето општество. Ние не сме подготвени да одговориме на социјалните ризици кои ни ги носи новото време. Граѓаните немаат каде да се обратат за каков и да е социјален проблем, дури и тоа да е ненасилно решавање на конфликти. Тоа се учи, системот за социјална заштита треба да има центри каде ќе научите. Велиме, во Македонија секој четврт брак е разведен, а некој ви зборува за здраво семејство и за трето дете. Јас не можам да разберам каде ќе научите како да бидете добар родител и каде ќе научите како да ги разрешите конфликтите во семејството, за да не дојде до развод.
Сиромаштијата е нешто што се продлабочува, затоа што ја игнорираме. Имаме стратегија за намалување на сиромаштијата, и унапредување на социјалната вклученост, но не инвестираме со пари, таа да се имплементира. Ако немате активности, прво зајакнување на јавната свест, а имате рамни даноци, како ќе ја намалите сиромаштијата и како ќе вложите повеќе, ако немате од каде да извлечете пари. Центарот за социјална работа е на четири ката, нема лифт , работат од четири до седум стручни работници во една канцеларија, вашето достоинство е нарушено ако одите да разговарате. А на 200 метри оттаму ви градат Панорамско тркало и инвестираат 18 милиони евра, наместо во овие институции. Тоа е наталожување на сиромаштијата, заборавање на сиромаштијата, институциите не ви функционираат, дури како да е тоа цел. На политичката елита и одговара во моментот да има сиромашни и социјално исклучени граѓани, затоа што полесно може да манипулира со нив. Затоа што, ако некому минимумот му е задоволен, тој ќе размислува и како да му стане подобар животот. Но, ги гмечат со војнички цокули постојано, за да се борат за гола егзистенција, за да не бидат вклучени, да не размислуваат за други прашања...
ЦИВИЛ Медиа: До кој степен е зголемен револтот кај овие ранливи категории на луѓе, и дали сакаат револтот да го искажат на улица, со другите граѓанки и граѓани?
ЦАРОВСКА: Многу е тешко да се каже дека тие ќе можат да излезат на улица и својот револт да го изразат со другите граѓаните. Замислете четиричлено семејство кое мора да заработи денеска 100 денари, за да купи леб и супа и да ги нахрани децата, оти тие вечерта ќе плачат. Дали мислите дека родителот има време да протестира и да се убедува со институциите за своите права. Тие многу често не ни одат да побараат социјална помош. Тоа е малтретирање, треба да обезбедат документи, дел од нив не се писмени, ги враќаат три пати, тоа е трошок, особено ако се од некое рурално место, ги враќаат од шалтер, ги дискриминираат, и ќе се повлечат... Ние ги обвинуваме тие што питачат, но ако државата им обезбеди можност да не питачат, ако им обезбеди минимум финансиски средства, може и да им забрани да питачат. Но, ако не им обезбеди, не ни треба да ги бркаме децата од семафори, оти државата не прави ништо за да им ја подобри состојбата. Мислам дека тие, во моментов, не може да се мобилизираат, туку треба и граѓанските организации погласно да зборуваат за нивните права и потреби. Не верувам дека некој место да обезбеди лепче, ќе излезе на улица да протестира. Друго се оние кои се вклучени во општеството, и ќе обезбедат некои 5-6 илјади денари овој месец, па ќе излезат на протест. Но, тие кои се најдолу во општеството, тешко дека ќе ги видите. И, тие се тие граѓани за кои ВМРО-ДПМНЕ вели дека „ќе ги носи за уши на гласање“, тие се „човечињата“, заради тоа што ќе ги уцените. Со 500 денари! И тоа е нешто, за кое ние останатите треба погласно да зборуваме, за да се прекине.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента
Оваа вест е достапна и на: Albanian