Заев заминува од Струмица за Скопје!

Вчерашната седница на Совет на општина Струмица, беше последна за претседателот  на СДСМ, Зоран Заев, кој најави дека нема повеќе да биде градоначалник на Струмица. Како што рече, во своето обраќање пред струмичките советници, „поради заминување на друга функција“, тој предвремено го завршува својот трет мандат.

untitled

Одлуката на Заев е во согласност со Законот за локална самоуправа, каде во член 54, како еден од условите за престанок на мандатот на градоначалникот е - „ако настапи случај на неспојливост за време на функцијата, согласно Законот за локални избори“.

Во наредниот период, како што извести Заев, на функцијата заменик-градоначалник ќе биде именуван советникот Костадин Костадинов. Како што предвидува законот, Костадинов во рок од 15 дена, е должен да го извести Министерството за локална самоуправа, од каде во период од 15 дена, за ова треба да ја известат Владата. Во рок од еден месец Владата треба да констатира дека настапил случај на неспојливост на функцијата градоначалник и да иницира постапка за распишување на нови избори за градоначалник.

„Советот, во рок од 30 дена од денот на објавување на одлуката на Владата, ќе избере еден од членовите на Советот кој ќе ја врши должноста градоначалник за периодот до изборот на нов градоначалник, на начин на кој се избира претседателот на Советот“,  предвидува член 54, став 5.

Тоа значи дека до наредните локални избори кои треба да се одржат напролет, следната година, со Струмица ќе раководи лице кое ќе го изберат советниците во Советот на Општина Струмица.

На 47-та седница на Советот, оставка си поднесоа и советниците Катерина Кузмановска и Коста Јаневски. Како што е наведено во соопштението на Општина Струмица,  Кузмановска покрај советничката функција, во изминатите неколку години ја извршувала и функцијата заменик-градоначалник, па поради тоа, Заев најавил дека наскоро, „на местото на Кузмановска, ќе наименува нов заменик-градоначалник, спомнувајќи го името на советникот Костадин Костадинов“, стои во соопштението.

untitled

Вчерашниот ден, покрај заминувањето на Заев од градоначалничката позиција, го одбележа и оставката на Мендух Тачи од позицијата претседател на ДПА.  Оставката на Тачи следи по предвремените парламентарни избори, на кои ДПА освои два пратенички мандата, што е за пет мандати помалку од претходните избори.

Повлекување од позицијата градоначалник на Општина Струга, најави и градоначалникот Зијадин Села, кој според изборните резултати, ќе биде пратеник во новиот парламентарен состав.

М. Теговска