Заврши првиот круг – Иванов и Пендаровски ќе се тркаат во вториот

По првиот круг на претседателските избори Државната изборна комисија излезе со резултати каде што кандидатот Ѓорге Иванов води со 118.520 гласови пред второпласираниот Стево Пендаровски. За Иванов гласале 442.432 избирачи или 51,62% од излезените гласачи (односно 24,86% од запишаните гласови во Избирачкиот список). Кандидатот Стево Пендаровски освои 321.534 гласачи или 37,52% од гласачите (односно 18,07% од запишаните гласачи).

За кандидатот Зоран Поповски гласале 30.942 гласачи, или 3,61% од гласачите (односно 1,74% од регистрираните гласачи), а за кандидатот Илјаз Халими гласале 38.863 гласачи што во проценти тоа изнесува 4,53% (односно 2,18% од запишаните гласачи). Според информациите на ДИК обработени се 98,92% од гласовите, а своето право на глас го искористиле 857.047 гласачи, со што излезеноста во првиот круг се заокружува некаде околу 50%.

Во вториот круг од претседателските избори ќе се тркаат Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски. Закажан е на 27 април, заедно со предвремените парламентарните избори.

Изборите ги набљудуваа Граѓанската асоцијација МОСТ со 664 акредитирани набљудувачи, ЦИВИЛ – Центар за слобода со 75 акредитирани набљудувачи и уште толку активисти и волонтери на организацијата како и на други невладини организации, Коалицијата Излези да гласаш со околу 5 илјади акредитирани набљудувачи, како и Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ кој го набљудуваше изборниот процес од експертски аспект и заедно со Цивил учествуваше во набљудувањето на денот на гласањето.