(„Бомба, бом-бом-бомба е/ И да сакаш да се скриеш/ Нема бегање...“)
Роднините&кумовите и нивните накотени подопашници од редовите на сватовштината и на партиските климоглавци, главните ликови од грозоморниот, „бомба“-стичен серијал, чиј зборовен фонд се сведува на „пари“, „пари’, „пари“..., „морон“, „будала“, глуп“, „идиот“ „ѓубре“..., со посебен акцент на зборот - „апси“, цела деценија жареа и палеа по пустата, немтур-Македонија... Аман – заман, нели ни збоктиса? На сите нас, „рајата“, која со максимата за веднење на главата, оти може да биде и полошо, им дозволи дотолку да збеснат, да ни ги избркаат децата, и туркајќи нé во вековно должничко ропство, да ни ја проколнат иднината...
Аздисани од узурпираната и неконтролирана моќ, ојлевци и дојлевци во партиски униформи, (читај: апаши&сечикеси), со години затвораа невини и чесни граѓани, користејќи ги подлизурковците од редовите на „сваровски“-судиите; садистички навредуваа и понижуваа достоинствени и горди луѓе; си играа мајтап со човечки судбини и им се ситеа на несреќните жртви, на кои директно тие, или нивните теледиригирани гавази, сеедно, им ги срчосаа соништата и ги исклоцаа во длабока депресија (најгласните и најтврдокорните во отпорот, и во амбис?), а Македонија, молчешкум, цела деценија собираше храброст да крикне, и конечно, да ги забатали на ѓубриштето на историјата.
Сега, арамиите што бескрупулозно нé пљачкосуваа, вџашени од страв од правдата и силата на одмаздничкиот бес, по соголувањето на големата децениска лага за успесите на ѓоа-градителите, по срчосувањето на гигантската, вселенската глупост за античката, бурек-барок Македонија, и по ерупцијата на фекалиите од длабокото, подземно засолниште, во кое беше прикривано мизерното лицемерие околу „демохристијанството“ на челниците на „најмакедонската“ партија (или, ленинистичко-марксистичката широкоградост, при застапувањето за сите видови Рај/Џенет, во варијанта на „верниците“ од партијата на некогашните „борци за права“) и околу „традиционалните семејни вредности“, се втерани во ќош! Се пржат на тивок, пржински огин.
Полни осум години, манијаци се изживувале, слушајќи најмалку 5.000 телефони, и десетици илјади граѓани! Само премиерот ни во сенка, не бил прислушуван. А бе, ај... (Добро, ни Mute-President, ама него, гревчето, уште од првиот мандат никој сериозен, не го есапи, ни за сува слива…). Ете, немало жолто комби, странски служби, „ЦИА, снајка, ЦИА...“, шпиони ем предавници, кутри жртви од власта... Злосторничкиот ум, да ти бил, оригинерно наш, домашен, македонски производ. И затоа, за првпат, маргиналците&лузерите, кои - низ заталканите бранчиња и до Балканот, од историското цунами по уривањето на Берлинскиот ѕид и распаѓањето на СССР - изнуркаа од темните длабочини, и матните типови кои со директно слугување или преку наследството на семејните врски со разузнавачките мрежи, одеднаш станаа моќници „со вулгарно празни глави и вулгарно полни џебови“, се смрзнати од страв... Колку и да е тоа во директна спротивност со чувството на топлина - не околу срцето, туку во ногавиците. Оти, и новите генерации, израснати во духот на „македонските народни приказни“ и на фрик-шоуто од музејот и од скопските улици и плоштади, знаат: „Долга е раката...“ И ѕебнат, ги лицитираат имињата на кодошите, „копилињата“ во сопствените редови, оние кои до вчера, беспоговорно ги слушаа, а сега скришум-скришум, лазат кон амбасадите и кон СЈО да се пријават да бидат заштитени сведоци...
Арно ама, наследството од деструктивците, е катаклизмично. Македонија, по децениската елементарна непогода, за жал, се распаѓа по сите шевови... „Лудаците“ што гнетеа чоколадо додека народот џбара по контејнерите, само во две „дил ориентид“ зделки со обврзници - за пролонгирање на мандатите, ја задолжија за нова милијарда евра, која следните генерации ќе ги чини во иднина, петстотини милиони евра фазла, доѕидувајќи ги недобројните долгови... Претседател на Суд, зафатен со кревање дивоградби, нема време да се зафати со проблемот на „чешмичките“ и „дуќанчињата“ кои неговите подредени, судии-правораздавачи, си ги отвориле како паралелна, „хонорарна“ работа... Судијки се грбават на работа, кадровик напаѓа портпаролка на судот, резил-судијка од неколку претходни, контроверзни судења, сосила ја распоредуваат на долго очекуваните судења на чаушите... На онаа кутрата со врзаните очи, кај нас, главата и ја отсекоа... Лицемерите во власта и во опозицијата, за жал, и меѓу одделни борци за промени, доживуваат еуфорија, подбивајќи се со едикојси ултра-лицемер и ЛГБТ-хејтер, кој, според Фејсбук&Чаршијата, бегајќи од сУДБАта, завршил во стан на разузнавач, наводно за задоволување на сопствените страсти (ОК, може била и љубов во прашање, за вистинските емоции, полот не е важен), користејќи го моментот, наместо за осуда на хипокритите и лигушите, за хомофобна експлозија, ем за насладување над и онака, грогираниот... Медиумската клоака ја шири реата, и до изборите нема да може да се дише во затруената, драстично загадената Македонија...
Уште е далеку зимата! Детонациите ја раскренаа маглата, ама прашање е дали е, конечно, излекуван крт/ној-синдромот. Колку ли (ќе) ни треба да прогледаме?
Оваа вест е достапна и на: English