ЗГОЛЕМЕН ИНТЕНЗИТЕТ НА НЕРЕГУЛАРНОСТИ И ВО ПОПЛАДНЕВНИТЕ ЧАСОВИ

Втор извештај во 18.30 часот: Зголемен број изборни нерегуларности во голем број избирачки места низ целата земја, се забележуваат и попладнево

 

 

 

Зголемен број изборни нерегуларности во голем број избирачки места низ целата земја, се забележуваат и попладнево. За ова јавуваат членовите на работните групи за превенција, постојаните и мобилните тимови за мониторинг на изборите, како и одреден број граѓани кои се обратија во канцеларијата на Цивил.

flaer side 1Во општина Центар е прилично тензично. Според извештаите, гласачи од Пустец се распоредени на повеќе гласачки места низ општината и предизвикуваат револт кај граѓан(к)ите кои се јавуваат во Цивил и реагираат преку социјалните мрежи.

Од Кочани, каде што веќе информиравме за тензична атмосфера, се дознава дека во текот на минатата ноќ десетина активисти на една партија кои делеле пропаганден материјал биле приведени од полицијата, а при испитувањето, на еден од нив му се влошила здравствената состојба по што бил пренесен во болница. Припадници на специјалната полиција во униформа и во цивилна облека се видливи во целиот град. Забележани се автомобили без регистарски таблички како кружат низ градот. Според најновите извештаи, од приведените, едно лице се уште е во притвор, додека другите се ослободени.

Во едно гласачко место во Кочани забележан е обид член од избирачката комисија на еден гласач да му даде две гласачки ливчиња. Купувањето гласови во оваа општина е регистрирано во повеќе случаи. Исто така, се регистрира голем број случаи на семејно гласање во ромските населби. Се забележува дека наводно неписмени лица бараат помош, за подоцна истите да се појават како асистенти на други лица, кои, исто така, се претставуваат како неписмени.

Во Велес, како и претходно во Скопје, лица кои се починати се уште фигурираат во избирачките списоци како гласачи.

flaer side 2На гласачкото место 2172 (Велес) има партиски активисти со листи на имиња на гласачи и ги евидентираат гласачите. Забележано е и групирање пред гласачки места од страна на припадници на една агенција за обезбедување, во сопственост на приврзаник на една партија, што е директен притисок врз граѓаните. Истата агенција организира и превоз на гласачите до гласачките места. Во селата Иванковци, Долно и Горно Оризари партиски активисти и вработени во администрацијата им се закануваат на дел од граѓаните со укинување на субвенции.

Во Могила се регистрирани повеќе случаи на прекршување на изборниот молк со агитирање пред гласачките места, како и со телефонски повици до гласачите. Дел од Могила снема струја денеска.

Од едно село во беровско Цивил доби поплаки од граѓани кои јавуваат дека активисти на политичка партија им се заканувале по животот и дека ќе им го запалат имотот доколку не гласаат за нивната партија.

Се забележува семејно и групно гласање во Битола, Старо Нагоричане, Гостивар, Чаир, Тетово, Теарце, Струга, Јегуновце и на други места.

Организиран превоз на гласачи се забележува на повеќе места.

Притисоци и попречување во работата на набљудувачите на Цивил и други организации се забележуваат и во попладневните часови на повеќе места низ земјата.

Во Куманово, Битола, Тетово, Старо Нагоричане, Гостивар и повеќе други општини членови на избирачки комисии не носат легитимации.

Тимот на Цивил ќе биде на располагање на медиумите со прелиминарни оценки на денешното гласање во своите простории до 21 часот. Цивил ќе одржи прес конференција утре (понеделник, 8 април) во Клуб на новинари со почеток во 12 часот.

Телефони на Цивил: 02/5209176 и 075/742445.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish