Зголемено присуство на полицијата во Теарце, гласањето се одвива непречено

Забележливо е зголеменото присуство на полициски сили во Теарце, каде што се прегласува избирачкото место број 2011. Полицијата се однесува професионално и коректно, а зголеменото присуство е со цел да се обезбеди правото на глас и законитоста на процесот. Набљудувачите на ЦИВИЛ се внатре во избирачкото место, но се наоѓаат и на теренот, во потрага по информации за однесувањето на сите актери во овие избори. 

Најновите неофицијални податоци од избирачкото место говорат за излезност од над 380 гласачи до 16 часот. Гласањето се одвива непречено и во мирна и достоинствена атмосфера, а забележлива е раздвиженоста на улицата каде што се наоѓа ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ каде што се одвива прегласувањето. Бројни ТВ екипи, приватни и полициски возила и пешаци се движат низ центарот на Теарце, а забележливо е дека и партиските штабови се отворени и активни.

Има забелешки и на бројноста на новинарските екипи, при што некои граѓанки и граѓани се пожалија дека нивната приватност е нарушена. Во принцип, гласачите имаат право на приватност и се препорачува фоторепортерите и камерманите да не се задржуваат во самото избирачко место и да им овозможат приватност на гласачите и тајност на гласањето. Од друга страна, медиумите се тука за да обезбедат информација и транспарентност на процесот, а таа функција ја извршуваат сосема коректно и професионално, според досегашните извештаи од теренот.

ЦИВИЛ останува во Теарце до крајот на прегласувањето во Теарце.

Оваа вест е достапна и на: English