Живковиќ: Горд сум на граѓаните кои не го свиткаа рбетот под режимот

Кога некој ќе спомне збор како „преживеав“, веднаш се помислува на нешто во стилот на „бев на работ на смртта и ја избегнав“ или нешто слично на тоа. Од некоја дистанца, можеби и така и треба да ја „чувствувам“ годинава што помина – но, повеќе поради фактот што, пред сé, нашата држава (а и ние со неа) поминуваше низ такви премрежија во 2016-та.

milan-zivkovic1

Пишува: Милан Живковиќ

Сеќавајќи се како почна 2016-та (со изјави на поранешниот премиер дека ќе имаме избори на 24-ти април/5-ти јуни, со или без опозицијата; со скандалозни одлуки на Уставниот суд; „трчање“ на целиот дипломатски кор во обид да се одложат изборите; одлуки на претседателот на Македонија за помилување на лица осомничени за криминал и ред други работи), не можеме а да не бидеме благодарни за тоа - каде сме сега. Избегнати беа неколку обиди за „закрвување“ по етничка/партиска основа исе одржаа парламентарни избори на кои преку 600.000 гласачи испратија недвосмислена порака дека сакаат соживот и правдина, а не корупција и едноумие.

Гледав многу мои пријатели кои упорно се обидуваа да ме/нé убедат дека сето ова што се случува околу нас е „масло на странците“; дека „вистинските патриоти не треба да ја критикуваат нивната земја/држава“ – дури и кога не е во право; дека „странците сакаат да ни наметнат: федерализација, двојазичност, губење на идентитетот, промена на името“; дека „Албанците само сакаат да успеат во својата намера за Голема Албанија“..., и го правеа сето тоа само со една цел: да се убедат себеси дека замижувањето пред корупцијата и неправдата е прифатливо сé додека постојат претходно наведените „причини“ за политичката нестабилност во Македонија.

А морам да кажам и дека веќе немам проблем што (сигурно) имам пријатели кои се дел од тие 454.253 лица што гласале за опцијата која грчевито се бори да не заврши во затвор. Секако дека не ги знам точно причините за секој(а) од нив, за тоа зошто гласале за тие кои нé доведоа до ова дереџе, но можам да претпоставам дека некои од нив се:

  • уценети на ваков или онаков начин;
  • вплеткани во некакви игри со финансиски придобивки на кои можно е да им дојде крајот во случај да има промена на власта;
  • (под притисок) внесени во слични „игри“ каде не е сé легално и во секое време може да им се активира некаква пријава преку некоја институција;
  • под притисок поради вработување преку партиските штабови или пак сé уште веруваат дека тие или член на нивното семејство ќе добијат нешто што им ветиле (вработување, тендер...)
  • сé уште се убедени дека партијата за која што гласале е најдобрата опција што ја имаме и точка!

Дел од нив, можеби се и љубоморни на вистинското заедништво, солидарност и братство/сестринство што произлезе од револуцијата на свеста кај дел од нашите сограѓани што почна со априлските протести, а продолжи во месеците што следеа. Можеби се љубоморни, бидејќи сметаат дека не можат да се извлечат од канџите на партијата што ги вовлекла во ова безумие, а гледаат дека наспроти нив, стојат лица кои веруваат во сето она за коешто протестираа, маршираа, другаруваа...

И токму поради тие работи сум благодарен што и јас и мојата Македонија ја „преживеавме“ 2016-та. Благодарен сум и поради одлуката на моите сограѓани да не го „виткаат грбот“ под налетите на чизмата наречена „режим“. Благодарен сум и поради фактот што нашите браќа и сестри, Албанци, покажаа дека знаат да препознаат што е корупција и криминал. Благодарен сум и поради фактот што сите сакаме да продолжиме да живееме и работиме тука, а не да ја замислуваме нашата иднина во некоја друга држава, бидејќи нашата не се грижи за сите свои чеда подеднакво.

И, една исправка за крај: Македонија не преживеа – Македонија се покажа во своето најдобро светло во 2016-та... Засега!

(Авторот е активист и борец за социјална правда)