На 20 февруари, Светскиот ден на социјалната правда, Цивил уште еднаш констатира дека животот на македонските граѓанки и граѓани е далеку од достоинствен.
На 20ти февруари се одбележува Светскиот ден на социјалната правда. Обединетите Нации донесоа Резолуција (A/RES/62/10) за одбележување на Светскиот ден на социјална правда во 2007 година. Македонија беше меѓу земјите кои ја изгласаа оваа Резолуција во која стојат низа обврски кои Владата мора да ги исполни, вклучувајќи ја и препораката секоја влада тој ден да го посвети на активности во полза на целите на Самитот во Копенхаген, како и заклучоците од 60-то заседание на ОН, на кое се усвоија заклучоците од Светскиот самит за социјалниот развој, невработеноста, ексклузијата и правдата.
Оттаму и прашањето: Што прават засегнатите институции на државата за почитување на социјалните права на граѓаните? Цивил им предлага на новинарите да почнат да поставуваат прашања за социјалната правда, почнувајќи од денеска на секој соговорник од структурите кои донесуваат и спроведуваат одлуки во Македонија, како на национално, така и на локално ниво. Истиот предлог важи и за организациите на граѓанското општество.
По повод Светскиот ден на социјалната правда Цивил уште еднаш излегува со констатацијата дека граѓанките и граѓаните на Република Македонија тонат во беда и понижување. Нивниот живот е далеку од достоинствен и човечен. При тоа, македонските граѓанки и граѓани не се доволно едуцирани за правата кои ги имаат, а ова особено се однесува на големите проблеми во доменот на социјалната правда. Ги повикуваме да направaт исчекор и да ја побараат правдата. Но, пред тоа, мораат да се освестат дека без солидарност нема да постигнат ништо.
На утрешниот ден треба да се потсетиме дека целите кои светот си ги зададе на Светскиот самит за социјален развој во Копенхаген (1995 г.), Милениумските цели, Светскиот самит во 2005 година и низа други: не се исполнија!
Тоа што се случувало порано или тоа што владее светска финансиска или економска криза не смее да претставува утеха, а уште помалку оправдание за повиканите институции. Напротив, тие мораат со низа мерки и откажување од луксузирање да му покажат на народот дека ги почитуваат човековите, а со тоа и социјалните права на граѓаните.
Владините институции и сопствениците на бизниси се, бездруго, одговорни пред законите и меѓународните стандарди ратификувани во земјава, доколку не обезбедат пристојни услови за работа и плати за работниците. Правата на штрајк и протест мора да се искористуваат до максимум, сé додека не се задоволат барем минимум стандарди за достоинствен живот и социјална правда.