Позитивна енергија, жешка атмосфера и разиграни штипјани е епилогот од синоќешниот концерт во Штип. Студеното време не претставуваше пречка за многубројната публика, на плоштадот во Штип, да ужива во шестиот мултимедијален настан на Караванот на слободата. Одличните настапи на „Бла Бла Бла...“, „Стринг Форсис“ и Тони Зен ги разиграа штипјани и предизвикаа громогласни аплаузи.
Концертот го започнаа „Бла Бла Бла...“ кои со својот препознатлив мелос ја загреаа атмосферата и ја размрдаа штипската публика.
По нив следуваше енергичниот настап на езотеричните „Стринг Форсис“, за кои штипската публика и Штип се еден од омилените градови за настап. Пред штипјани настапија со дел од последниот албум, а нивните фанови има можност да ги слушнат во живо и нивните големи хитови „Води ме“ и „Саб“, со кои предизвикаа овации и громогласни аплаузи.
Жешката атмосфера кулминираше со појавувањето на Тони Зен на сцената. Стотици млади, во еден глас, со кренати раце ги пееја песните со својот омилен рапер.
Слободарскиот дух и енергија се чувствуваше на секој чекор, насмеани и позитивни лица со воодушевување ги проследија поетските перформанси на Елена Пренџова и Џабир Дерала.
Настанот во Штип е шестиот од низата големи мултимедијални настани и десетици помали настани на Караванот низ земјата. Во наредната недела следуваат повеќе помали мултимедијални настани низ повеќе скопски општини и големиот завршен концерт кој ќе се одржи на 1 октомври во Скопје.