ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со праксата да биде отворен подиум за ставови и анализи на општествено-политичките процеси во изборен контекст.
Редакцијата ЦИВИЛ Медиа направи мини серија од разговори со истакнати интелектуалци, јавни личности од општествената сцена, експерти и аналитичари, од кои добивме низа интересни и значајни гледишта и анализи. На сите соговорници им беа поставени исти прашања кои се однесуваат на развојот на преговорите за надминување на политичката криза, на опструкциите и прекршувањата на „Договорот од Пржино“ и на можностите за создавање вистински услови за слободни избори во април 2016 година.
Овие разговори се дел од активностите на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Елида Зилбеари, главен уредник на „Порталб“ на албански јазик, еден од најчитаните портали на албански јазик во Македонија, има многу резерви околу спроведувањето фер и демократски избори и смета дека изборите ќе се спроведат на „ефикасен начин“, според барањето на ЕУ, значи "без насилство", но дека тоа не значи дека навистина ќе бидат и слободни и демократски.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=YHLAryV1zlE[/youtube]
ЦИВИЛ Медиа: Како го оценувате политичкиот процес во Македонија, во контекст на преговорите за имплементација на договорот од Пржино?
ЗИЛБЕАРИ: Би рекла дека спроведувањето на договорот ќе оди многу тешко. Сме виделе договори во различни области кои се постигнуваат, условно речено, во пет минути до 12, а и пробивање на роковите. Јас мислам дека најмногу од ова добива ВМРО-ДПМНЕ, која со секој услов се обидува што повеќе да го одложи рокот на спроведувањето на договорот, и навистина, не гледам некој процес или суштинска политичка реформа во врска со овој договор.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се најсериозните прекршувања на договорот од Пржино?
ЗИЛБЕАРИ: Најклучните, најпроблематичните прашања во врска со имплементацијата на договорот од Пржино започнаа уште со неговото потпишување. Сведоци сме на многу нарушени рокови, и ова е многу сериозен пропуст. Исто така, би сакала да потенцирам дека неизбирањето на членовите на Државната изборна комисија е сериозен пропуст. Досега требаше да се изберат членови кои ќе регулираат многу прашања (интервјуто е снимено на 14 декември, два ден пред изгласувањето на новиот состав, а ДИК се уште не беше избран – н.з.), особено околу прочистувањето на Избирачкиот список до следните избори. И тоа сé уште не е постигнато.
Овој проблем го нагласи и амбасадорот на Европската унија во Македонија, Аиво Орав, кој рече: "Оставете го народот на страна, барем решете го овој проблем”
Вториот сериозен проблем со неспроведувањето на договорот од Пржино е во врска со медиумите. Работните групи сé уште не се договориле околу законите или регулативата која ќе се развие и ќе се спроведе во медиумите, кои пак, се клучен фактор во реализирањето на изборите или информирањето на граѓаните во врска со изборите.
Би сакала да истакнам еден елемент, кој има врска со незапочнувањето со работата на време на Специјалниот обвинител, Катица Јанева. Ова е сериозен пропуст, бидејќи ние не знаеме дали таа ќе постигне резултати пред изборите, до кои остануваат уште четири месеци.
ЦИВИЛ Медиа: Дали и како е можно да се создадат услови за слободни избори во април 2016?
ЗИЛБЕАРИ: Искрено, имам многу резерви за тоа дали ќе има фер и демократски избори. Мислам дека овие избори ќе се спроведат на „ефикасен начин“, така како што ги нарекува Европската унија, што би значело "без насилство", но тоа не значи дека тие ќе бидат слободни и демократски избори. Ова го велам затоа што не мислам дека ќе имаме доволно време за спроведување на реформите во сферата на Државната изборна комисија, што значи прочистување на Избирачкиот список.
За прочистувањето на Избирачкиот список, по мое мислење, ќе има повеќе работа од четири месеци, а имајќи предвид дека досега не е прочистен, веројатно повеќе од десет години, не верувам дека за да се изведе толкава голема промена, ќе има доволно време до април. Промени ќе бидат направени, освен во изборите, ќе ги има и во медиумите. Верувам дека ќе има и други промени, но тие ќе се направат на што поповршен начин , несуштински, со оглед на преостанатото време до одржувањето на изборите.
Марија Теговска
Камера Дехран Муратов