Кога се формираше ЦИВИЛ, пред 17 години, на 25 ноември 1999 година, ни оддалеку не претпоставувавме дека ќе стасаме до овде. По толку години и троцифрена бројка од успешни проекти, ЦИВИЛ прерасна во организација која ја ужива довербата и поддршката од илјадници граѓанки и граѓани. Храбро и бескомпромисно се соочуваме со сите притисоци и секојдневно се обидуваме да придонесеме кон демократизирање на земјата, враќање на владеењето на правото и, над сѐ, почитувањето на човековите права и слободи.
На притисоците ЦИВИЛ одговара со гласност, на проблемите со креативни решенија, отвореност и искреност. Најважно за тимовите на оваа организација е секогаш да размислуваат надвор од кутијата, надвор од здодевните конформистички шеми на опортунистите и фолирантите.
ЦИВИЛ бил и ќе остане отворена платформа за размена, па и судир на идеи и ставови, простор каде граѓанките и граѓаните можат да споделат сведоштва и да научат нови вештини. Во овие тешки денови за целата земја, довербата и поддршката ни значи повеќе од кога и да е. Турбулентниот општествено-политички период низ кој минува Македонија и изборниот процес во кој многумина гледаат, колку со надеж, толку и со страв, е пресуден. Токму поддршката, секојдневната комуникација со стотици граѓанки и граѓани од сите краишта на земјата, му помага на ЦИВИЛ да ја изврши својата функција – да биде чувар на човековите права и слободи, на стремежот за правда, слобода и еднаквост, на силната потреба да се гласа слободно, без страв и принуда.
Им благодариме на граѓанките и граѓаните на Република Македонија, на сите членови и поддржувачи, им благодариме на донаторите кои ја искажаа својата доверба во нашата организација и ги помогнаа проектите кои ги водиме. Им благодариме и на оние што го напаѓаат и клеветат ЦИВИЛ, бидејќи и тие се дел од градењето на нашите капацитети.
Џабир Дерала