ЦИВИЛ апелира за демократизација во Сојузот на синдикатите на Македонија

ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со својата работа во областа на социјалната правда и подготвува нова серија настани за јакнење на јавната свест и едукација за работничките права, социјалната правда и човековите права и слободи воопшто.

Правото на синдикално организирање е едно од основните права на работниците, а улогата на синдикатите е од суштинско значење. По последните случувања во областа на синдикалното организирање и по трагите на написите во неколку независни медиуми, ЦИВИЛ го насочи своето внимание на процесите во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и на претстојните предвремени избори за ново водство во најголемата синдикална организација во земјата.

Имено, според информациите во јавноста, противкандидат на актуелниот претседател на ССМ е Симон Силјановски од Битола, од синдикатот на здравствените работници. Неговото кандидирање го поддржуваат и неколку гранкови синдикални организации како оној на управата (УПОЗ), одбрана, угостителство, туризам, комунална дејност и занаетчиство (СУТКОЗ) кои, сите заедно, бројат околу 32 илјади членови, што е далеку над потребната третина од вкупниот број од 66 илјади членови на ССМ, што овозможува вакво кандидирање.

Според информациите кои дојдоа до ЦИВИЛ, кандидатурата на Силјановски треба да биде верификувана на седница на претседателството на ССМ, но закажувањето на таа седница доцни веќе неколку недели. Нашите извори тврдат дека одложувањето на седницата на која треба да се прифати кандидатурата на Силјановски е маневар за негово исфрлање од изборната трка.

Искрено се надеваме дека ваквите тврдења се неоправдани и дека актуелниот претседател Митревски ќе ја закаже долго очекуваната седница на претседателството на ССМ на која ќе се прифати кандидатурата на Силјановски и на тој начин ќе демонстрира демократски капацитет и фер услови за избори во ССМ.

Правото на синдикално организирање е неприкосновено, а синдикатот (ССМ) мора да има демократска структура за да може доследно и транспарентно да делува и да ги застапува правата на работниците. Оттаму, ЦИВИЛ јавно ги поддржува демократските процеси во ССМ и апелира да се спроведат изборите на фер и транспарентен начин.

Print Friendly, PDF & Email