ЦИВИЛ бара почитување на гласачкото право

ЦИВИЛ го презентираше проектот Моето гласачко право денеска во ГЕМ Клуб, со учество на претставници од граѓанското општество, политички партии, медиумите, заинтересирани граѓан(к)и, како и изборни набљудувачи на организацијата.

Претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала одржа презентација на проектот и на досегашните наоди за состојбите во земјата. Потоа, се разви дебата на која учесниците говореа за своите искуства и ставови за бројните груби нарушувања на изборните процеси од страна на партизираните институции, од политичките партии и медиумите под контрола.

VRP debate 25022015 (15)

„Мотивот за започнување на овој проект е согледувањето дека Македонија е во континуирана изборна кампања. За осум години, минавме низ осум изборни процеси.“ – констатира Дерала. Меѓу другото, се потенцира дека проектот „Моето гласачко право“ ќе послужи како платформа за поефикасно дејствување на ЦИВИЛ – Центар за слобода, во изборните процеси во иднина, ќе креира и предложи механизми со кои ќе се спречат манипулациите, притисоците и заканите врз гласачкото тело во земјата.

Преку проектот, ЦИВИЛ ќе придонесе кон јакнење на јавната свест, едукацијата и мобилизацијата на граѓанките и граѓаните кон подобрување на изборните процеси во Република Македонија, засновани врз демократски стандарди наспроти редовните изборни нерегуларности и неуморната кампања. Преку јакнење на јавната свест, јакне и моќта на граѓан(к)ите во изборните процеси и во одбраната на човековите права и слободи.

Цивил и учесниците на дебатата апелираат за почитување на гласачкото право и почитување на човековите права воопшто.

Синиша Станковиќ

Биљана Јордановска

 

___________

Проектот „Моето гласачко право“ е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество
кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish