ЦИВИЛ ги понуди своите експертски ресурси до Државната изборна комисија за ревизија на Избирачкиот список

Поаѓајќи од своите кадровски потенцијали и стручност во сестраното следење на изборниот процес во досегашните изборни циклуси, ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска и по електронски пат и со доставено писмо, ја извести ДИК, дека е подготвен за соработка

Во дописот адресиран до претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, ЦИВИЛ ги понуди сите свои организациски и експертски капацитети и искуства во процесот на верификација на спорните записи на 39.502 граѓани по теренските проверки на Избирачкиот список, но и сите други процеси и активности поврзани со работата на ДИК.

Досегашната успешна реализација на проектите во тек: Напред за изборен мониторинг, Граѓански објектив за граѓанско новинарство, активизам и јакнење на граѓанска свест и Караван на слободата за сензибилизација на граѓанската свест за одлучување за својата иднина, преку пораките на уметниците, и особено публикацијата Слободни избори: Услов за кој не се преговара, објавена на македонски, албански и на англиски јазик, како продукт на финализираниот проект „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, се потврда за стручните капацитети на ЦИВИЛ.

Во продолжение интегрално го објавуваме дописот до ДИК:

„ЦИВИЛ – Центар за слобода, Ви честита на напредокот во процесот на ревизијата на Избирачкиот список и Ви посакува многу успех.

Со започнување на процесот на верификација на спорните записи на 39.502 граѓани по теренските проверки на Избирачкиот список, ЦИВИЛ, во рамки на своите проектни активности, продолжува да ги набљудува процесите и активностите во доменот на изборниот процес, а со тоа и ревизијата на Избирачкиот список.

ЦИВИЛ е корисник на грантови за проекти кои се однесуваат на повеќе различни аспекти на изборниот процес, меѓу кои и проектите финансирани од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Амбасадата на САД и National Endowment for Democracy.

Воедно, ЦИВИЛ формира експертски тим, составен од врвни аналитичари и познавачи на изборните системи од земјава и од странство. Нашата организација доби експертска поддршка и од Центарот за одличност при Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска, а е во партнерски односи со ГОНГ, хрватска невладина организација, надалеку позната по својата експертиза и изборно набљудување во матичната земја и во над 20 земји во светот.

Во тој контекст, Ви ги нудиме сите наши организациски и експертски капацитети и искуства во овој и сите други процеси и активности поврзани со Вашата работа.

Исто така, би сакале да се информираме дали постои можност нашата организација да се вклучи во процесот на набљудување на процесот на ревизија на Избирачкиот список, односно активностите поврзани со пријавувањето на граѓаните чии записи по вкрстените и теренски проверки се спорни.

Со оглед дека во процесот на набљудување на пријавувањето се вклучени претставниците на политичките партии, сметаме дека ЦИВИЛ, како организација која има долгогодишно искуство и експертиза, може да помогне во овој важен и деликатен процес и да придонесе во објективноста и веродостојноста на верификувањето на спорните записи и нивно коригирање.

Се надеваме дека ова обраќање ќе го земете предвид и ќе нè информирате за начинот на кој би можеле да се вклучиме во оваа и во сите останати фази на спроведувањето на изборниот процес, со цел да придонесеме кон спроведувањето на слободни избори во Република Македонија.“

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian