ЦИВИЛ - Центар за слобода најостро го осудува насилничкиот однос на партиските војници на власта кон активистите, како во случајот со активистот кој држеше транспарент за време на Скопскиот маратон и вчерашното вандалско однесување во Битола и кон новинарите, како во случајот со Вања Мицевска од Канал 77, Штип.
Насилничкото однесување кон активистите и новинарите на независните медиуми се бележи веќе со години наназад. И додека Република Македонија во извештаите на релевантни домашни и меѓународни институции и организации за човекови права бележи стрмоглав пад на ранг-листите и важи за земја со политички затвореници, партиската војска на власта дивее.
Додека членови и лидери на опозициски партии се во притвор (Здравко Савевски) или издржуваат долгогодишни затворски казни (Љубе Бошкоски), активистите и новинарите се мета на секојдневни јавни закани, притисоци и насилство.
ЦИВИЛ ги повикува институциите да профункционираат соодветно и во согласност со законот и правото на мирен протест и на професионално извршување на новинарските задачи.