Во „Слободната зона“ на ЦИВИЛ - Центар за слобода во Скопје, денеска во 13 часот, ќе се одржи обука за граѓански новинари, на која, заинтересираните кандидат(к)и ќе имаат можност да се запознаат со новинарските техники за граѓанско известување.
Обуката се одржува со цел граѓан(к)ите да известуваат за кршење на човековите права и слободи, пред се во изборен контекст, како изборни манипулации, злоупотреба на службена должност и ресурси, партизација на државниот апарат... Освен денешната еднодневна обука во Скопје, ЦИВИЛ во наредниот период ќе одржи обуки за граѓански новинари и во другите градови низ државата.
Сите граѓан(к)и имаат можност да учествуваат на конкурсот „Биди граѓански новинар“, на кој ЦИВИЛ секој месец доделува награди за најдобрите видео и фото материјали, или вести. Наградите се пет вредносни ваучери, а првата награда е во противредност на 110 долари. Досега се доделени 10 награди.
Конкурсот е дел од проектот „Граѓански објектив„ во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот кои се основа за дологорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе кон развој на граѓанското новинарство во земјата. Општа цел на проектот е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на претстојните избори и да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси.
Намената на проектот е да се идентификуваат и обелоденат случаите на кршење на гласачкото право во интерактивна и динамична активност која ќе ги вклучи активистите за човекови права, медиумите и општата публика, со прибирање на фотографски, видео, аудио и пишан материјал кој ќе послужи како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес.
Проектот има цел да ги мобилизира граѓан(к)ите да формулираат јавни барања за слободни избори, засновани на доказите и истражувањата на граѓанските новинар(к)и и активист(к)и, преку онлајн активизам, теренска работа, медиумски и јавни настани. Проектот ќе понуди нови пристапи кон истражувањето на политиките и практиките поврзани со изборите во земјата. Новина претставуваат динамиката, новите стандарди на истражување, анализа и јавно обелоденување на случаите на дискриминација врз основа на политичката афилијација, злоупотребата на јавните ресурси и администрација, политичката пропаганда и говорот на омраза во изборен контекст.
Проектот е поддржан од National Endowment for Democracy.