ЦИВИЛ и ГОНГ ќе спроведат обука за изборни набљудувачи

ЦИВИЛ – Центар за слобода организира семинар за обука на дополнителни 30 долгорочни изборни набљудувачи од 9 до 11 април во Велес и во Скопје. Врвниот експерт за изборно набљудување, Драган Зелиќ од хрватската организација ГОНГ ќе ја предводи оваа обука, заедно со дел од експертите на ЦИВИЛ. 

zelic

Драган Зелиќ, ГОНГ

Ова тридневна работна посета на Зелиќ на Македонија е дел од партнерската соработна на ЦИВИЛ со ГОНГ на проектите за изборно набљудување во Република Македонија.

Долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ ќе се стекнат со напредни вештини во набљудувањето на изборниот процес на повеќе нивоа и од повеќе аспекти, вклучувајќи го и денот на гласањето. Тие ќе бидат распоредени низ целата земја, поделени во 14 регионални тимови и ќе спроведат сеопфатно набљудување на состојбите на теренот.


Драган Зелиќ дипломирал на Факултетот за политички науки во Загреб. Негови области на интерес, меѓу другото, се: изборниот процес, вклучувајќи го и избирачкиот список и изборното менаџирање, транспарентност на јавните органи и борба против корупцијата, со акцент на транспарентноста во финансирањето на политичките партии и изборните кампањи и конфликтот на интереси. Своето искуство во ГОНГ и познавањето на набљудувачкиот процес на изборите и едукацијата на гласачите, тој ги пренесува на граѓанските организации во Русија, Монголија, Либан и Ерменија. Тој, исто така, учествувал во набљудувачките мисии на ОБСЕ, НДИ и ЕНЕМО на изборите во Азербејџан, Белорусија, Бугарија, Либан, Израел – на Западниот брег и Појасот Газа, Словачка, Украина и САД. Се занимава со истражување и анализа на различни правни рамки и со меѓународните стандарди поврзани со изборите, корупцијата и транспарентноста на јавните органи.

GONG_logo_gong.hr_ГОНГ е граѓанска организација основана во 1997 година за да ги поттикне граѓаните активно да учествуваат во политичките процеси. Цел на организацијата е промовирање и подигнување на човековите и граѓанските права, како и поттикнување и зајакнување на свеста на граѓаните за учество во политичките процеси. ГОНГ ги промовира културниот дијалог, отвореноста, транспарентноста и одговорноста во јавниот домен, истовремено почитувајќи ги човековите и граѓанските права, преку истражување, застапување и образование, самостојно или во соработка со поединци и/или организации кои ги делат вредностите на организацијата.

Зелиќ: Институционалниот надзор не смее да биде под политичка контрола

Зелиќ: Сите мора да бидат еднакви пред законот!