ЦИВИЛ на работни средби во Охрид и Куманово

Успешната работна недела исполнета со проектни активности во повеќе градови во Македонија, ЦИВИЛ – Центар за слобода ја продолжува со двете денешни работни средби во Куманово и Охрид.

Еден тим на ЦИВИЛ ќе биде во Охрид каде ќе одржи состанок со Регионалната работна група за слободни избори во салата во Општина Охрид, со почеток во 16:30 часот. На состанокот се поканети претставниците на политичките партии на локално ниво, претставници на локалните невладини организации и медиумите. На средбата во Охрид ќе се дискутира за актуелната политичка криза, за состојбата со медиумите, за притисоците, заканите и уцените, за политичката дискриминација, кршењето на гласачкото право и злоупотребите на јавната администрација.

Паралелно, вториот тим на ЦИВИЛ кој денеска е на терен, е во посета на Куманово. Работната средба со регионалната група за слободни избори ќе се одржи во општинската сала (“Комитетот”), исто така, со почеток во 16.30 часот.

И на средбата во Куманово, се очекува присуство на политичките партии, на претставници на локалните невладини организации и медиумите. И со кумановци тема на дискусијата ќе бидат рпоблемите за кои ќе се разговара и со охриѓани: политичката криза, состојбата на медиумите,  притисоците, заканите и уцените,  политичката дискриминација, кршењето на гласачкото право и злоупотребите на јавната администрација, како и евентуалните активности кои можат да се преземат за подобрување на политичката состојба и за овозможување на услови за одржување на фер, демократски и слободни избори во април.

Работните состаноци се во рамките на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.