ЦИВИЛ: Нулта толеранција за структурното насилство и изборните манипулации

Не смее да има ни минута доцнење, ниту еден денар злоупотреба на јавните пари, ниту еден час агитација од вработен во администрацијата, ниту еден човек не смее да биде уценет или под закана – само така постојат шанси да се обезбедат услови за слободни избори на 5 јуни!

ZERO TOLERANCE MK1Медиумите мора да се ослободат од партиските стеги, а црната кампања на теренот мора да престане.

Мора да се престане со демонизација на граѓанското општество и да се департизираат институциите, а особено судството.

Државната изборна комисија мора да им даде предност на експертизите, а не на партиските интереси, како што тоа го правеше во минатото.

На Специјалното јавно обвинителство мора да му се отстапи потребниот простор за функционирање, а опструкциите и кампањата против оваа институција мора да престанат веднаш.

Судството мора да се освести и да излезе од понижувачката позиција на партиско-послушнички апаратус.

Структурното насилство, политичката корупција, злоупотребите на социјално ранливите граѓанки и граѓани, дискриминацијата и кршењето на човековите права и слободи мора да престанат. Национализмот и верската омраза не смеат да бидат алатка за придобивање на гласови. Партиите не смеат да поттикнуваат меѓуетничка и меѓуверска нетрпеливист и омраза.

Само така и никако поинаку, ќе се создадат минимални услови за слободни избори и за слободно изразување на волјата на гласачите на предвремените парламентарни избори на 5 јуни оваа година.

Денеска, кога демократската јавност може за миг да се израдува поради краткото одложување на денот на предвремените избори, во надеж дека ќе се создадат малку повеќе услови за слободни избори, ЦИВИЛ повикува на НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА за структурното насилство и изборните манипулации.

ЦИВИЛ – Центар за слобода e организацијата која имаше храброст и интегритет да проговори за злоупотребите и изборните кражби во минатите години. Остануваме на теренот и уште денеска ќе испрати дополнителни мобилни тимови за набљудување во неколку градови низ Република Македонија за да го засилиме набљудувањето на спроведувањето на изборниот процес.

Наспроти сите притисоци и жестоката, валкана кампања во текот на сите овие години, ЦИВИЛ јавно ги разоткри сите аспекти на структурното насилство и политичката корупција во изборните процеси, фантомските гласачи, поткупот, уцените и заканите. ЦИВИЛ ќе продолжи да набљудува и секојдневно ќе биде на располагање на јавноста за точен, јасен и објективен извештај, без ракавици.

Оваа вест е достапна и на: Albanian