ЦИВИЛ повикува граѓаните да не се обесхрабрат: Испраќајте ни ги сите пријави за Избирачкиот список!

Синоќа на полноќ, Државната изборна комисија, ја затвори опцијата за пријавување на неконзистентни записи во Избирачкиот список, што постоеше како опција на нејзината веб-страница на ДИК. Големиот број на пријави кои пристигнаа на адресата на ДИК, од моментот кога се објави онлајн апликацијата за проверка на Избирачкиот список, е причината која се наведува за ваквиот потег.

„Ова е од причина што за пристигнатите пријави е потребно време Државната изборна комисија соодветно да ги обработи, да ги спореди со податоците од вкрстените проверки и да утврди кои од пријавените случаи треба да бидат предмет на теренска проверка“, стои во соопштението на ДИК.

ЦИВИЛ - Центар за слобода, како граѓанска организација која секојдневно и непрекинато добива информации за бројните неправилности и хаосот што владее во во Избирачкиот списокот, ги повикува сите граѓан(к)и, да продолжат да ги пријавуваат сите недоследности во Избирачкиот список.

„Укинувањето на можноста да пријавуваат на веб-страницата на ДИК, не треба да ги обесхрабри граѓанките и граѓаните, затоа што ЦИВИЛ, продолжува и во следниот период да биде место каде покрај пријавувањето на нерегуларности, можат да ги добијат потребните информации поврзани со нивните права како гласачи, како и информации за престојните предвремени парламентарни избори“, изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.

Ваквите случаи може да се пријават и во ЦИВИЛ со принтскрин и со кратка белешка за што се работи.

Пријавите за фантомски гласачи, како и за други проблеми и нерегуларности, може да се испраќаат на [email protected] или на телефоните 02/520 9176 или 075/565 830.

ЦИВИЛ го набљудува изборниот процес преку своите проекти „Напред!“„Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ и “Граѓански објектив“.

Марија Теговска

 

 

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish