Цивил повикува на граѓанска истрага и во Велес

ЦИВИЛ – Центар за слобода го започна проектот „Граѓански објектив“, во кој можат да учествуваат сите полнолетни граѓанки и граѓани на Република Македонија, со фотографии, видео и аудио снимки и текстови за сите видови закани, уцени, корупција во изборен контекст и за кршење на гласачкото право. 

Од јануари следната година, секој месец, петте најуспешни трудови ќе бидат наградувани со вредносни ваучери за набавка на фото/видео и компјутерска опрема. Секој што има паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, како и секој што има барем основни вештини за пишување, повикан е да се вклучи во нашиот проект.

CLP logo 01По успешниот скопски семинар, вториот семинар „Биди граѓански новинар“ ќе се одржи во Велес на 7 и 8 ноември во хотелот „Гарденија“, со почеток во 10,00 часот, а на него може да се пријават жители на Велес, Кавадарци, Демир Капија, Неготино, Штип, Свети Николе, Радовиш, Пробиштип, Кочани,  Делчево, Пехчево, Македонска Каменица и Виница. Пријавувањето е до 5 ноември (четврток) онлајн или на [email protected].

Предавачи на овие семинари ќе бидат истакнати професионалци и експерти од областа на новинарството и активизмот. На секој од семинарите можат да се пријават сите полнолетни граѓан(к)и со кратка биографија и мотивациско писмо (максимум по една страница) во кои накратко ќе ги опишат своите вештини и ќе изразат подготвеност за учество на семинарите. Секој учесник кој ќе ја заврши обуката ќе добие и сертификат.

„Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за дологорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе кон развој на граѓанското новинарство во земјата.

Општа цел на проектот е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на претстојните избори и да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси. Намената на проектот е да се идентификуваат и обелоденат случаите на кршење на гласачкото право во интерактивна и динамична активност, која ќе ги вклучи активистите за човекови права, медиумите и општата публика, со прибирање фотографски, видео, аудио и пишан материјал, што ќе послужи како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес. Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.

Третиот од серијата семинари ќе се одржи во Битола на 14 и 15 ноември во хотелот „Театар“ и на него можат да се пријават полнолетни граѓан(к)и, жители на Битола, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Дебар, Вевчани, Прилеп, Крушево и соседните општини.