Следејќи ги извештаите на набљудувачите од повеќе општини низ Македонија, за подготовка на протестите и контра-протестите вечерва, ЦИВИЛ – Центар за слобода изразува крајна загриженост за можноста од насилство меѓу граѓаните.
ЦИВИЛ повикува на почитување на законите, смиреност, разум и достоинствено однесување. Граѓанките и граѓаните кои решиле да протестираат во два различни табора, треба да знаат дека не се непријатели едни на други, туку сограѓани во една иста земја.
Воедно, ЦИВИЛ ја повикува власта да престане со злоупотреба и манипулација со вработените во администрацијата, бидејќи тоа е спротивно на законот и демократските стандарди. Притисоците и уцените врз вработените во администрацијата се криминал!
ЦИВИЛ ги повикува вработените во администрацијата да пријават злоупотреби и притисоци, како за учество во контра-протестите, така и воопшто. Пријавите се анонимни, а ЦИВИЛ може да понуди и правна помош за одбрана на човековите права и слободи на сите граѓанки и граѓани.
Сите се еднакви пред законот и ги охрабруваме сите граѓанки и граѓани да ги искористат своите права и слободи гарантирани со Уставот и законите на Република Македонија.
Сите имаат право на слободен избор и граѓанско делување!