ЦИВИЛ повикува на воздржаност од насилство

ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осудува потпалувачкиот вокабулар на одредени структури на социјалните мрежи во пресрет на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на Вардар и Шкупи на стадионот во скопски Чаир оваа недела. Потпалувачките содржини на социјалните мрежи можат да поттикнат насилство меѓу симпатизерите на двата клуба, што лесно може да се искористи за ескалирање на меѓуетнички тензии и допонително да ја усложнат и онака тешката состојба и криза во која се наоѓа Република Македонија.

ЦИВИЛ ги повикува сите страни, особено политичарите и навивачите, на воздржаност и смиреност.

Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите неопходни мерки и да спречи можни судири помеѓу навивачите.

Бараме Јавното обвинителство конечно да покрене соодветни кривични постапки кон сите оние кои повикуваат на насилство, на што е обврзано со законските прописи во земјава.

Не е првпат овие структури, токму во вакви моменти, да се обидат да ги искористат ниските страсти и национализмот за да го оттргнат вниманието на граѓаните од актуелните случувања и нивните вистински проблеми. Овие обиди редовно резултираат со насилство, а неретко и со сериозни последици по животот, физичкиот интегритет и безбедноста на граѓанките и граѓаните на Република Македонија.

ЦИВИЛ – Ценарот за слобода апелира до граѓанките и граѓаните да не потпаднат под влијание на овие провокации. Оваа злоупотреба и играње со чувствата на граѓаните мора да престане, а предизвикувачите на тензиите и насилствата, конечно, да се соочат со правдата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian