Цивил во партнерство со КРИСП од Германија го спроведува проектот „Сите различни - сите еднакви: делувај против дискриминацијата“. На семинарот во Берлин учествуваа дваесетина млади од Македонија и Германија. Семинарот се состоеше од два дела и тоа: симулациска игра и работилници за употреба на креативни алатки и уметност за борба против дискриминацијата. Проектот е поддржан од фондацијата ЕВЗ Германија и од ЕУ програмата „Европејците за мир“. Младите од Македонија имаа свој перформанс на Александар Плац во центарот на Берлин. Тие носеа транспаренти за слобода и еднаквост. Како дел од перформансот, младите на плоштадот делеа пораки против дискриминација на различни јазици.
Целта на проектот е да им помогне на младите од Германија и Македонија да развијат механизми преку кои ќе ги препознаат основните причини за дискриминација кои ќе ги поттикнат за мир, толеранција и соживот меѓу луѓето од различни култури, религии и социјално потекло.
Учесниците научија за различните форми на активизам и отпор во сегашноста и минатото и создадоа сопствени активности преку видео и интернет активизам. Тие креираа и своја Фејсбук страница под наслов: ReAct Against Discrimination.
Во јавна дискусија во Скопје, младите ќе разговараат со креаторите на политиката и ќе ги презентираат резултатите на проектот. Младите од Германија на вториот семинар ќе дојдат во Македонија во март 2015 година.
Арбана Ќерими