На прес конференцијата на 13 јануари 2017 година, ЦИВИЛ – Центар за слобода уште еднаш побара да се спроведат анализи и истрага за одговорноста на Државната изборна комисија и други институции, поединци и структури во земјата за кршењето на законите и Уставот. Денеска прашуваме: Кој ќе одговори на овие барања? Дали молкот од институциите значи согласување со наодите на ЦИВИЛ и другите релевантни организации од земјава и од светот? Дали молкот значи и тоа дека институциите се свесни за уништувањето на правната држава, но и дека немаат намера да преземат нешто?
Овие прашања мора да бидат одговорени!
Во продолжение, ги повторуваме ставовите и наодите на ЦИВИЛ.
Едноставно, некој мора да одговара за кршењето на изборните процедури и за тешките повреди на правото на глас! Мора итно да се спроведе истрага за работата на ДИК и нејзините тела, како и итни реформи на оваа институција. Убедени сме дека истрагата ќе доведе до одговорност и на поединци и структури во други институции на државата, како и на структури во политичките партии.
Нема да престанеме да бараме расчистување на сите дилеми околу измамничките практики во изборните процеси, вклучувајќи ги и последните, предвремени парламентарни избори кои се одржаа на 11 декември 2016 година.
ЦИВИЛ – Центар за слобода излезе со извештаи и анализи за сериозни проблеми во текот на целиот изборен процес. Но, нашите извештаи, анализи и препораки, поткрепени со аргументи и докази, не наидоа на одѕив кај релевантните институции.
Државната изборна комисија остана глува на нашите укажувања и повици да се деполитизира и сериозно да работи на сите аспекти на изборниот процес, а особено на Избирачкиот список и на своите тела, како што се општинските изборни комисии (ОИК) и избирачките одбори (ИО). Токму тие се вбројуваат меѓу најсериозните проблеми на денот на гласањето на 11 декември.
Јавноста треба да знае дека, според законот, ДИК е најодговорната институција за спроведување на изборниот процес. За разлика од сите други состави на ДИК во изминатите 25 години, овој состав имаше највисоки законски ингеренции, но не ги искористи.
Голем број гласачи не можеа да го искористат своето право поради партизираноста и неспособноста на институциите, првенствено на ДИК. Најмалку што треба да направат сега членовите на ДИК е да ги стават своите мандати на располагање. Институциите мора да понесат и законска одговорност за хаваријата со Избирачкиот список, преку што се создадоа можности за злоупотреби и манипулирање со изборниот резултат.
ЦИВИЛ побара повторно пребројување на сите гласачки ливчиња, ревизија на сите неважечки ливчиња, бидејќи имаме сериозни индикации дека изборниот резултат може да биде поинаков, доколку овие две постапки се спроведат доследно и професионално.
Без оглед на тоа дали некоја политичка партија поднела приговор, ДИК, по службена должност, можеше да го стори тоа, имајќи ги предвид укажувањата од други ентитети. Не го стори тоа.
ЦИВИЛ побара прегласување во 30 избирачки места поради поткуп на гласачи, сериозно кршење на изборната процедура од страна на ИО, фантомски гласачи, непрекинато кршење на изборниот молк, како и низа други нерегуларности.
Без оглед на тоа што изборите се завршени и роковите за жалби се истечени, никој не ги спречува институциите да поведат постапки за одговорност пред законот.
Злоупотребата на институциите продолжи веднаш по денот на изборите, како и притисокот врз граѓанското општество, стигматизацијата и говорот на омраза против оние што размислуваат и дејствуваат поинаку од владејачките структури.
Нашите анализи упатуваат на низа појави и постапки кои се неприфатливи и спротивни на Уставот, законите и демократските стандарди. Бележиме противуставни и противзаконски постапки и при конституирањето на Собранието и при доделувањето на мандатот за составување на влада.
Не смееме да заборавиме и дека во составот на Собранието сега се наоѓа и еден осуденик за воени злосторства.
ПРОДОЛЖУВАЊЕ И ПРОШИРУВАЊЕ НА МАНДАТОТ НА СЈО!
ЦИВИЛ категорично бара продолжување и проширување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. Криењето и уништувањето на доказите, противуставната аболиција на претседателот Иванов, стигматизацијата во јавноста, заплашувањето на сведоците, блокадите од страна на судовите и другите институции и низа други облици на опструирање на работата на СЈО, ја наметнуваат потребата мандатот на оваа институција да се продолжи и да се прошири. СЈО е единствената институција во државата која функционира нормално и професионално. Тоа мора да се почитува!
По изборите, ЦИВИЛ побара и проширување на мандатот на СЈО и на 2016 година, односно на предвремените парламентарни избори.
Иако за тоа се чини дека не постои законска основа во овој момент, убедени сме дека слабостите, незаконитото постапување, кршењето на изборните процедури, купувањето на гласовите, заканите, злоупотребите, притисоците и уцените, како и низа други сериозни нерегуларности кои ги нотира ЦИВИЛ на изборите, се директна последица на втемелени во криминалните практики и постапки кои се надоврзуваат или имаат директна или индиректна врска со предметите кои ги води токму СЈО.
Линкови до текстови и видео записи од настанот на 13 јануари, слободно за преземање и публикување:
ЦИВИЛ: Одговорност за кршењето на законите и крај за национализмот и политичкото профитерство
ВИДЕО: Џабир Дерала - ЦИВИЛ: Одговорност за кршењето на законите
Фејсбук фото галерија
ЦИВИЛ динамично во наредниот период
Промовирани медиумските проекти на ЦИВИЛ Медиа
Оваа вест е достапна и на: Albanian