Со десетици нови, необјавени случаи на кршење на човековите права и слободи, дискриминација и политичка корупција, ЦИВИЛ ја промовира својата нова публикација „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“, денеска, во хотел Опера Хаус, со почеток во 11 часот.
На оваа промоција ќе говорат Н.Е. Хелге Зандер, Заменик амбасадор на Сојузна Република Германија, д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар и еден од авторите во публикацијата, Синиша Станковиќ, Џабир Дерала и Биљана Јордановска, кои се дел од тимот кој го спроведе проектот Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани.
Во ЦИВИЛ важи правилото: Крајот на еден проект не го одбележува крајот, туку почетокот на акцијата. Оттаму, ова е само уште една фаза во јакнењето на капацитетите на организацијата да се соочат со предизвиците на македонското општество.
По официјалниот дел кој е предвиден да трае не повеќе од 45 минути, ќе следи освежување и неформално дружење.
Публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“ во издание на ЦИВИЛ е специјално тријазично издание на македонски, албански и англиски јазик за едногодишната напорна работа на проектниот тим, известувачите и набљудувачите од теренот на ЦИВИЛ, како и на врвни експерти од Македонија, Хрватска и САД, сублимирани во 180 страници извештаи и анализи, за стотиците активности кои беа составен дел на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, спроведен во периодот јуни 2015 – јуни 2016. Покрај публикацијата, тимот на ЦИВИЛ подготви и ДВД во кое се објавени публикации кои се однесуваат на изборните процеси од 2013 година наваму, кратка селекција од соопштенијата и препораките на ЦИВИЛ, како и селекција од видео-прилози. Стотици видео-пилози се објавени и на YouTube каналот на ЦИВИЛ.
Сите содржини кои ги објавува ЦИВИЛ може слободно да се преземаат и објавуваат, според Creative Commons 4.0 International License. Со едноставно обраќање по електронска пошта до ЦИВИЛ, може да се побараат дополнителни материјали во секое време.