Македонската и светската јавност добија уште една горчлива потврда за грубото кршење на човековите права денеска, преку објавувањето на податоците за долгогодишното следење на комуникациите на челните луѓе на повеќе организации на граѓанското општество. ЦИВИЛ – Центар за слобода е една од организациите кои се следени преку Џабир Дерала чии разговори се следени од 2011 година, според аудио записите кои му беа предадени од претставниците на опозициската СДСМ.
Се чувствувам силувано, повредено, гневно и разочарно, не затоа што ова це-де го добив на оваа прес конференција, туку затоа што знам дека огромен материјал, истиот овој или повеќе од ова, сѐ уште се наоѓа во рацете на оние кои толку многу му згрешија на ова општество и оваа земја. Тоа ме прави детерминиран да продолжам да го правам тоа што го правам и уште еднаш ми се потврди чувството дека сум на вистинскиот пат, на страната на човековите права и слободи. Им благодарам што слушаа, мислевме дека не нѐ слушаат, дека не ги следат нашите совети и препораки, нашите заложби, активности и протести. Ако некој мислел дека не слушале, денеска дознавме дека внимателно слушале, снимале уредно и можам да им кажам: Благодарам што слушавте! – беше првата реакција на Џабир Дерала пред насобраните новинарки и новинари во Кампот на Слободата пред владата.
ЦИВИЛ – Центар за слобода и нејзиниот претставник ќе ги исцрпат сите законски можности за да се задоволи правдата.