ЦИВИЛ собира информации за партиски притисоци, уцени и закани

Притисоци во образовните институции, уцени и закани за работното место, злоупотреба на социјално ранливите категории на граѓанки и граѓани, починати и иселени лица во Избирачкиот список и низа други облици на кршење на човековите права и слободи во изборен контекст... Тоа се сведоштвата на голем број граѓанки и граѓани со кои вчера се сретнаа Мобилните тимови за мониторинг и поддршка во Велес, Градско, Росоман, Кавадарци и Неготино.

Голем број наши соговорници сѐ уште сакаат да останат анонимни, поради стравот од последици по нивните работни места, социјалниот статус, па и безбедноста, како што велат, но некои од нив се одважуваат и говорат пред камерите на ЦИВИЛ Медиа.

Очигледно е дека времето на молкот полека заминува во историјата и сѐ повеќе граѓанки и граѓани се охрабрени да проговорат за проблемите со кои се соочуваат во своето секојдневие, а кои се последица од лошото владеење и партизацијата на државата.

Во директна комуникација со граѓанките и граѓаните, локалните медиуми, претставниците на граѓанското општество и политичките партии, тимовите на ЦИВИЛ го претставуваат проектот НАПРЕД! и разменуваат информации за политичката ситуација, за делувањето на партиите на теренот, како и за состојбата на човековите права и слободи, со фокус на изборниот процес. Од вчера започна караванот на мобилните тимови на ЦИВИЛ кои ќе обиколат 52 општини во текот на наредните пет недели. До крајот на април ќе се вклучат сите останати општини во земјата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian