Два мобилни тима на ЦИВИЛ денеска патуваа низ Македонија во рамки на проектот Напред! за мобилизација на изборни набљудувачи. Првиот тим ги посети општините Чашка, Лозово и Свети Николе.
ЦИВИЛ ги информираше жителите на Чашка за проектот Напред! и за можноста да станат дел од тимот за набљудување на изборите.
На малкуте граѓан(к)и кои тимот на ЦИВИЛ ги сретна по улиците на Чашка, беше споделен едукативен и информативен материјал за јакнење на јавната свест за правата на гласачите. Овие материјали беа споделени и во локалниот маркет и аптека.
Во Лозово жителите кои беа зафатени со своите секојдневни обврски, сепак, одвоија време и да се информираат за проекот Напред!, а истовремено се заблагодарија на ЦИВИЛ за укажаната можност да бидат изборни набљудувачи.
Најголем дел од граѓан(к)ите на Македонија денеска беа во Свети Николе по повод празникот Тодорова сабота. Тимот на ЦИВИЛ прошета низ живописниот панаѓур и подели околу 400 флаери со информативна содржина за изборен мониторинг.
Светиниколчани се пожалија дека градот е полн само еднаш годишно за празникот Тодорица, а останатиот дел од годината е пуст, што се должи на масовната преселба на младите од Свети Николе. Според нив од 11 илјади жители, дури 4 илјади го напуштиле градот и се преселиле во странство со помош на бугарски пасоши.
Тимот на ЦИВИЛ во Свети Николе оствари средба и со претставници на политички партии и со “Организацијата на жени на општина Свети Николе“ кои во 2015 биле прогласени за најдобра невладина организација во Источна Македонија.
Со стотици акредитирани набљудувачи, над 1.000 граѓански набљудувачи и врвен тим на аналитичари и експерти, „Напред!“ е проект за долгорочен мониторинг на изборниот процес, набљудување на денот на изборите, едукација и јакнење на јавната свест за правата на гласачите.
Проектот Напред! се спроведува на национално ниво во 14 регионални центри на ЦИВИЛ и е финансиран со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.