Зекири: Медиумите тонат во последните 6-7 години

Поранешниот главен уредник на ТВ Алсат-М и познат новинар Мухамед Зекири смета дека Македонија константно тоне во медиумски мрак. По повод Светскиот ден на слободата на медиумите го прашавме неколку прашања. На прашањето дали смета дека има слободни медиуми Зекири вели:

Мислам дека доволен показател за слободата на медиумите е рангирањето на Македонија, односно константниот пад во последните години и тоа што се рангираме во земјите каде што нема слобода. Нема што да додадеме на овој факт. Новинарите во Македонија знаат во какви услови работат. Се’ уште имаме новинари кои се притворани во Македонија. Последниот случај е со Божиновски кој моментално е во притвор, а претходно го имавме и Кежаровски. Сите овие нешта, како и фактот што досега Владата преку буџетски пари ги контролира медиумите влијаеја ние да дојдеме до ова дереџе како земја и во оваа професија.

Не само што не се слободни, според Зекири македонските медиуми се во константен пад во последните 6-7 години:

Апсолутно не можеме да зборуваме за подобрување. Ситуацијата се влошува. Секојдневно слушаме како критичките новинари се наоѓаат на тапет на Власта и нејзините соговорници. Се упатуваат закани и говор на омраза кон новинарите, а истите добиваат и закани по живот. Македонија за жал тоне во однос на слободата на медиумите и тоа е константно во последните 6-7 години.

Во последните години, Зекири беше мета на повеќе напади. Тој со нас ја сподели својата лична приказна:

Имав лична закана која ја пријавив во полиција. Тоа беше во екот на случувањата со протестите за и против крстот во Бутел, кога бев гласен и критичен во однос на тоа дека ова е игра меѓу владините коалициски партнери. Заканите обично не доаѓаат од одредена личност, туку од анонимни луѓе на социјалните мрежи, кои се закануваат по мојот живот и животот на моите блиски. Моите деца и сопруга беа следени неколку дена од одредени луѓе со автомобили, каде и да се движеа. За жал, се уште нема резултат од истрагата. Константно сум под закани на социјалните мрежи, посебно од владеачката ДУИ која никако не сака да слуша критики и се однесува слично како што се однесуваат нивните коалициски партнери со години кон сите што имаат различно мислење од нив.


ЦИВИЛ - Центар за слобода покани неколку експерти и уредници да дадат свое мислење за состојбите со слободата на изразувањето и медиумските слободи. Овој серијал е дел од проектот за изборен мониторинг - Напред!, финансиран со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.