ЦИВИЛ – Центар за слобода одржа тематска средба “Финансирање на политичките партии и на изборните кампањи“ на која гостуваше експертски тим од Република Хрватска. Средбата се одржа во Скопје, на 20 ноември 2015 година во Скопје, во рамките на проектот „Моето гласачко право“. Проектот е овозможен со поддршка од американскиот народ, преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.
Експертскиот тим Александра Јозиќ Илековиќ од Центарот за одличност при хрватското МНР и Драган Зелиќ од ГОНГ, ги споделија искуствата на Хрватска која не така одамна имаше слични искуства и предизвици како и Македонија.
Зелиќ се осврна на „Случајот Санадер“ кој предизвикуваше и се уште предизвикува посебен интерес и кај македонската јавност, како и за неопходноста од транспарентно финансирање на партите и уште потранспаретно трошење а тие средства.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=sp1YHV2t1ZI[/youtube]
„Денешната тема е финансирање на политички партии и кампањи и верувам дека сите го знаете за жал случајот околу финансирање на политичките партии. Хрватска имаше едно трауматично искуство, кое се уште трае, околу нетранспарентното финансирање на политички кампањи на тогаш владеачката партија ХДЗ и, за жал, поранешниот премиер сé уште е во притвор и покренат е процес против политичка партија. И тоа е сериозна работа. Ние на тоа претходно предупредувавме, но не се реагираше кога требаше. Сега може да се критикува Иво Санадер од оваа перспектива и да се фрлаат дрвја и камења врз ХДЗ, но треба да се види тие работи да не се повторат и да се извлечат некакви лекции. Не само ХДЗ, туку и сите останати политички партии, институции, медиуми и здруженија и такви работи повеќе да не се случуваат. Накратко, низ сето тоа ние поминавме.
Сите знаеме колку е важна улогата на парите во политиката. Вие не можете да организирате некоја кампања, да ги информирате гласачите без да имате средства. Тука не треба да се биде демагог и да се зборува против политичките партии. Партиите се еден од темите на демократијата и се разбора дека тие треба да се финансираат. Тие мора да комуницираат со гласачите, да им ги пренесат своите пораки, меѓутоа, сето тоа треба да биде транспарентно. ОК е да трошите пари, да примате пари, но треба да објавите кој ве финансира, бидејќи ние треба да знаеме што се случува.
Меѓо останатите, еден од условите за затворање на поглавјето на правосудството во Хрватска за влез во Европска Унија беше да го средиме финансирањето на политичките партии и кампањи. Конкретно, да се среди да не може да се извлекуваат пари од јавни претпријатија. Не е дозволено да се дава работа на фирми за потреби на јавните набавки, кои потоа ги враќаат парите на партиите или завршуваат во приватни џебови.
Потребен е институционален надзор кој треба да е независен. Тој не смее да биде под политичка контрола. Ако погрешно паркирате, ќе добиете казна без проблем.. Државата брзо ќе реагира, меѓутоа, ако правите поголеми манипулации тогаш мислам дека е малку потешко.
Затоа, ако институцијата може да не казни за погрешно паркирање, тогаш нека ја казни и партијата ако манипулира со големи износи. Се сеќавам на една изјава на Санадер дека изборите се добиваат со една третина од парите на маса и со две третини под маса! Ако тоа се случува, не се сите еднакви во натпреварот, некој има пристап до јавни пари и ги извлекува, а некој нема, така што нема ни минимум услови за фер избори.
Мора да имаме институционален надзор, кој за жал, во Хрватска не функционираше. Државното обвинителство, дури откако дојде Јадранка Косор, даде одлични резултати, што беше клучно.
Колку што сум запознаен, вие имате специјална јавна обвинителка и мислам дека и таа има голема одговорност. Меѓутоа, одговорноста не е само на институциите, туку и кај невладините организации. Еве, тука е ЦИВИЛ кој работи одлично. Треба да се стави таа тема на дневен ред, затоа што тоа е од јавен интерес - да се натераат политичките партии да бидат транспатрентни и да ги покажат сметките. Тука играат голема улога и медиумите. Ние, во Хрватска, без медиумите не можевме ништо да направиме околу тоа прашање. Со сите недостатоци, бидејќи никој не е совршен, медиумите ја препознаа важноста на тие теми и тие се заслужни за јакнење на транспарентноста околу тоа прашање. Медиумите се заинтересирани и имаат широко отворени очи околу финансирањето, како што тоа беше случај и со последните парламентарни избори во Хрватска.
Мислам дека и во Македонија медиумите ќе препознаат колку е важна оваа тема и ќе ги засилат своите улоги на набљудувачи. Медиумите не би рекол дека само треба да известуваат, забавуваат и едуцираат, туку треба и да вршат контрола, затоа што тоа е битно за здрава демократија. Битно е медиумите и институциите да набљудуваат и да се остават институциите независно да си ја извршуваат работата. Мислам дека тогаш ќе имаме многу транспаретни извештаи за финансирање на кампања, ќе знаеме во чиј интерес се носат некои одлуки кога ќе се дојде на власт, дали во интерес на донаторот, или во интерес на задржување на власт“.