Старите Словени го сметале дрвото за свето и биле поврзани со природата. Ние таа врска одамна сме ја загубиле, верувајќи дека да бидеме граѓани - треба да бидеме што подалеку од природата. Во метежот на секојдневието сме заборавиле да протестираме во врска со зеленилото. Кај нас се протестира само за политика, помалку за економија, а најмалку за зелен град...
Сечата на дрвја продолжува. Власта ги заплашува луѓето, или едноставно, само сака да сечат здрави дрвја? Неодамна нешто слично се случи и во Охрид. Дрво старо 20 години било исечено покрај кејот на езерото. Активист на „Охрид СОС“ ја фотографирал сечата, по што бил вербално, за малку и физички нападнат?! Залудно, „Охрид СОС“ апелираше дека со намалување на зеленилото во Охрид, се уништуваат изгледите за туризам
Очигледно, никој не им кажал на властите во Македонија дека Градот и урбаното не се мерат по тоа колку бетон ќе има, туку напротив, градот се познава по уреденото зеленило, во кое главно место земаат, веќе погодувате - големите дрвореди. На пример, дрворедите биле и се уште се симбол на париските булевари. Култивираното зеленило е пример за култивирано општество.
Што да се каже за глупавиот закон за забрана на одење во шума, што ќе трае до 15 август. Како да немаат властите доволно средства за гаснење пожар, а очигледно, не се подготвени, па им ја загрозуваат слобода и правото на луѓето да бидат во природа. Казната ќе биде до 2.000 евра. Каков е тој закон? Кој смее да ми го ограничи правото на слободно движење? „Има ли нешто поглупаво од тоа?“ пишува хрватски „Тир“ за идејата.
Скопје е посебна приказна... Што му се случи на паркот покрај Музејот на град Скопје? „Урбан парк“ во Црниче, исто така, беше намален заради некој паркинг. Големите зелени површини во Карпош 4 сакаат да ги претворат во колонада од згради. Никаде ѕирка ни проѕирка. Некој треба да им каже дека зеленилото во Карпош 4 е суштински урбан дел од концептот на населбата и дека со ова се прави невидена штета на граѓаните и на живеењето во населбата. Слично се прави во Аеродром кај „Теодосиј Гологанов“. На толку мала површина на која беа бараките, никнаа толку многу згради. Секако, изговорот на власта е дека го исполниле законскиот услов за 30% зеленило од парцелата, според Законот за градење, но очигледно е дека самиот услов е недоволен. Кога имате десеткатница која зазема 70% од вашата парцела, зеленилото изгледа мизерно во неа. Тоа не е доволно еколошки, па ниту естетски.
Зеленилото во Скопје е неуредено. Холтикултурата не е воопшто на ниво. Малиот пазар дава мали услови за развиена холтикултура, но зборувам за основното ниво на одржување, за чистота. Градскиот парк е запуштен, недоволно среден. Неговиот стар дел е најзапуштен. Можеби општината нема пари да го одржува, но во тој случај, паркот треба да се даде на приватни инвеститори. Тие можеби ќе наплаќаат влез, но ќе го одржуваат како треба.
За да дише, на Скопје му недостасува барем уште еден градски парк. За жал, градежната мафија кога би можела, би го искорнала секое постоечко зеленило од паркот. Скопје се шири во невидени размери и добива станбена структура којашто не може физички да ја поднесе. Улиците се претесни за Скопје да биде милионски град. Улиците се нечисти. Скопје е нечист град. Локалната самоуправа не прави ништо во врска со тоа.
Во Скопје, како и во Македонија, зеленилото е уредено само во некој приватен двор.
Дрвјата немаат само еколошка функција во градот. Тие се естетски, а и филозофски елемент. Дрвото те тера да размислуваш додека шеташ, и уште подобро, ако има клупа - да седнеш, сам или со друштво. Тоа значи дека дрвјата имаат индиректна функција на социјализацијата во едно општество, каква што имаат директно клупите. Паркови без клупи и без лулашки, паркови без патеки и бандери – се едноставно, запуштени шуми. Шуми кои создаваат чувство на збрканост, депресија и мистика во едно општество кое и самото е мистично, каде не се знае кој јаде, а кој пие, кој кому му служи, а секој сака од секого нешто да украде. Нашата негативна анархија, која можеби е остаток од анархичното родовско уредувањe на словенските племиња, ја живееме секојдневно и фактот што имаме ем недоволно, ем неквалитетно, градско зеленило влијае врз нашето психофизичко здравје, а оттаму, и на вкупниот развој на општеството.