ЗНМ: Властите не ги казнуваат насилниците, меѓу кои има и политичари!

Здружението на новинарите на Македонија ја споделува оценката од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, според која, состојбата со медиумските слободи во државата - се влошува. Во денешното соопштение на ЗНМ се вели дека ЕК  бара целосна транспарентост за досега потрошените пари за кампањите на Владата

„Комисијата во извештајот за напредокот на Македонија за годинава, со право заклучува дека во најголем дел од македонските медиуми отсуствува политички плурализам и дека националните телевизии координирано ја поддржуваат владејачката партија. Недвосмислено е потврдена загриженоста на ЗНМ во врска со уредувачката и финансиската независност на Македонската Радио Телевизија, која сé уште не може да обезбеди објективно и точно известување за различни ставови и мислења во јавноста“ стои во соопштението.

znm

Од ЗНМ истакнуваат дека нивните ставови се совпаѓаат и со оценките на Комисијата во врска со насилството врз новинари, финансирањето на медиумите и состојбите во МРТ и во медиумскиот регулатор.

„Комисијата потврдува дека новинарите се изложени на секакви напади, додека властите не преземаат ништо да ги казнат насилниците, меѓу кои има и политичари. Јасно се истакнува дека физичките напади, незаконското прислушувањето и лошите работни услови на новинарите имаат за цел да поттикнат самоцензура. Комисијата ги цени заложбите на новинарските организации за медиумски реформи, но заклучува дека нема политичка посветеност за промоција на медиумски плурализам и независност“, се вели во соопштението од ЗНМ.

ЗНМ ги поддржува повиците на Европската комисија за инклузивен дијалог со новинарската заедница, со цел да се преземат драстични мерки за зајакнување на независноста и плурализмот во медиумите.