Најмасовниот протест на Шарената револуција што се одржа во понеделникот заврши со бизарен инцидент. Единицата за брзо распоредување (ЕБР), на крајот на протестот кој привршуваше мирно и без речиси никакви инциденти, реши да и даде „шмек“ на вечерта, со напад над демонстрантите кои безуспешно се обидуваа да ја кутнат статуата на „срамежливиот“ Прометеј поставена спроти Собранието на Македонија, во Жена-парк во Скопје.
Единицата која почесто ја гледаме како ги обезбедува штабот на ВМРО, Музејот на ВМРО... всушност единица која по се изгледа е задолжена да го заштитува ВМРО, а не институциите на државата, со овој изненадувачки потег без потреба ризикуваше протестот да ескалира и да резултира со насилство.
Чуму толку жестока одбрана на единицата-порано-позната-како-ЕБР (сегапен одред "чавчиња" на МВРО) на нашиот памперс - Прометеј, и целата оваа ѓурултија?
Зарем не гледате, драги мои лепотани и лепотанки, дека нашиот Прометеј е олицетворение на Пастирот: голиот цар што мора со „дополнителни интервенции“ да си го покрива срамот, човек што го донесе огинот на незнаењето и полтронството во земјава, позлатена кич - карикатура на универзални вредности зад кои се крие злоба, незнаење, криминал и насилство.
За разлика од вистинскиот Прометеј, намачен лик со начнат дроб, кој се надмудрува со боговите и сака да ги просветли луѓето, овој нашиов е анти - Прометеј, кој ги предводи јавачите на апокалипсата, иако делува наивно, демек се „срамува“, е анти - богот кој го краде огинот од народот, за да го врати на боговите. До душа, и на нашиов Прометеј, како што често ќе слушнеме од неговите мегафони еден орел му го штрба џигерот, па затоа преку своите слуги во јавноста и медиумите го подготвува народот (кој нели едвај го контролира) за „второто полувреме“.
Веројатно Пастирот мислел на себе, додека се обмислувала и проектирала целата композиција поставена во паркот пред парламентот, чин во којшто веројатно и самиот учествувал, што може да се претпостави и види од "изложеното". Останува енигма само дали во процесот била консултирана и гатачката.
Можеби, на прв поглед, нападот на Шарените револуционери над скопскиот Прометеј делува како дефокусирање на гневот и мавање по самарот, а не по магарето.
Но гледано од овој агол, симболички и уметнички „деклем“, тој потег погоди точно во суштината!