Црн народ

Објавено на 3 мај 2015 година во Плусинфо и во „Слободен печат“

Социјалната неправда во Македонија одамна ги надмина границите на подносливото. Работничките права се газат секојдневно и насекаде. И работниците и невработените, социјалните случаи и сиромашните, хонорарците, студентите и учениците, дуќанџиите и земјоделците - сите се жртви на грабежливите структури на финансиска и политичка моќ во оваа земја.

Shkruan: Xhabir Derala

Пишува: Џабир Дерала

Бирократски лавиринти, божемни реформи, бесмислени давачки, драконски казни, извршители, па и затвор - тоа се секојдневните закани за огромен број луѓе, додека малкумина уживаат во богатството и раскошот, со пари украдени од намачениов народ. Црн народ, како што пее Рацин.

Стотици милиони отидоа во мермер, во позлатени лајсни и стиропор, додека мајките мака мачат да ги нахранат своите деца денеска. Стотици милиони лебдат во етерот на контролираните медиуми, додека децата и младите се на улица, немајќи каде да се одбранат од апсурдните реформи во образованието. Местата каде луѓето треба да побараат здравје, станаа места на хорор и смрт.
Таму каде што треба да се побара работа, се нуди партиска книшка. Трудот, наместо да биде награден, стана безвреден. Работниците уште да плаќаат затоа што некој им дозволил да работат. И плаќаат! Плаќаат со своето здравје и уште повеќе - плаќаат со своето достоинство. Меѓународното право, Уставот на оваа земја, законите и прописите го штитат правото на работниците за синдикално организирање, штрајк и протест. Како изгледа тоа во овој вилает темен? Синдикалните лидери ги бркаат од работа, па и ги апсат и затвораат.

Душко Илиевски го водеше протестот на млекарите. Тој, брат му и татко му завршија в затвор, како последни дилери на дрога. Д-р Дејан Ставриќ го водеше најдолготрајниот штрајк во историјата на Македонија, штрајкот на здравствените работници. Цели 44 дена траеше штрајкот против понижувањата, уцените, притисоците и партизираноста во здравството. Лидерот на овој штрајк го апсеа со специјалци. Сѐ уште е на суд, обвинет за корупција.

За тоа време, главниот синдикалец, лидерот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски, седи во скутот на власта и ја крепи розовата слика за социјалната држава Македонија. Иако му се кренаа над 30.000 членови на ССМ (половината од членството) само за да го прифати противкандидатот за претседател на ССМ, Симон Силјановски, Живко даде сѐ од себе да ја елиминира оваа можност. Сам владее со ССМ, сам дели плата на своите послушници и на персоналот. Сам ги застапува правата и интересите, но своите и на власта, а не на работниците кои двојат од својата плата за тој да се вози во луксузните коли од возниот парк на ССМ. И не прифаќа противкандидат. Зошто? Затоа што му е страв дека ќе ја изгуби фотелјата, измастена од потта и маката на македонските работнички и работници.

И додека ги гледаме рекламите за здрава храна, за среќните работници, земјоделци, студенти, мајки...

Работниците по фабриките, странски и домашни, ги третираат како животни. Не смеат да седнат, не смеат да проговорат, туку само да работат - напорно и непрекинато, во услови својствени за раните фази на капитализмот, опишани во романите на Чарлс Дикенс. Работат по најмалку осум часа дневно, често и за време на викенди и празници. Неретко, имаат само по неколку часа меѓу две напорни смени. За колку? За 150-200 евра месечно. И треба фала да кажат. Мораат! Ако не се клањаат пред газдите, шефовите и партиските капетани - ќе завршат на улица. Фабричкото обезбедување е како служба во конц-логор, во истиот миг кога ќе забележат дека некој се бунтува, го земаат и го исфрлаат од кругот на фабриката. Тоа е воедно и отказ.

„Како куче ме истераа на улица“, вели еден соговорник на моите колешки и колеги од ЦИВИЛ кои ја крстосуваат Македонија во потрага по вистинската слика за социјалната состојба и работничките права.

Во денешно време, во Македонија е привилегија да бидеш и невработен. Во административниот бездушен систем кој го создаде власта, тешко е да се задржи тој статус кој, колку-толку, обезбедува некоја основна здравствена заштита во руинираниот здравствен систем.

Една самохрана мајка го изгуби статусот на невработена, само затоа што дента кога морала да застане во ред и да се пријави во Агенцијата за вработување, морала своето болно дете да го однесе во болница во Скопје. Требаше да застане во ред пред општинскиот комитет на Партијата. Да. Партијата! Таа вработува или отпушта, таа гали или тепа.

Жените во текстилните погони земаат плати од 100 до 200 евра. По девет-десет часа наведнати над машината, молкум шијат облека што тие и нивните семејства не можат да си ја дозволат. Зиме со јакни, шалови и ракавици на кои им се исечени врвовите за да ракуваат со машината, на провев и во студени простории зиме, истите што лете се жешки и непроветрени. Кокошко, краво и други животни се називите кои се наменети за нив. Пцостите и навредите се дел од обраќањето кон овие жени кои се нечии мајки, сестри, сопруги и девојки.

На полињата аргатуваат армии луѓе кои некогаш биле работници или заработувале за себе како мали сопственици. Надвор од системот, сега тие се оставени на милост и немилост на газдите кои плаќаат мизерни надници на рака, ако ги исплатат воопшто. Нема кој да ги види, слушне, одбрани. Не ни сакаат да проговорат, не сакаат никој да ги одбрани. А нема ни кој да ги брани, бидејќи системот ги брани богатите и суровите. Како што би рекол другарот Синиша Станковиќ, овие се како Суперхик од стрипот Алан Форд, крадат од сиромашните за да им дадат на богатите.

Човечки судбини се решаваат со едно копче на тастатурата од компјутеризираната администрација. На тоа копче пишува DELETE – ИЗБРИШИ. Да, луѓето се збришуваат со еден потег, со еден прст со налакираните нокти на партиските послушнички зад шалтерот.
И приватниците примаат списоци на партиски послушници за вработување. Кутрите. Кулучат за партијата без пари, а потоа се нафаќаат да работат како аргати за друг и одвај да врзуваат крај со крај со своето семејство. И послушно да носат уште еден јарем.

Среќен ви Први мај, копачки и копачи на трудот, црн народ!