Пишува: Огнен Јанески
Да споделам нешто, кое ми е најкритично во ситуацијава, а ретко беше споделено како инфо:
Вчера, до 21:00 часот, сѐ си беше како што треба од двете страни, и од протестирачката - и од полициската. Имаше луѓе, со малку пократки нерви, на кои постојано им велевме: "Смирете се!!! Седнете долу! Кренете рацете! Не сме против полицијата! Не фрлајте кон нас!". Тоа беа мал дел луѓе, кои да повторам, не беа провокатори, туку само силно изреволтирани. Да повторам, се' беше во ред до 21 часот.
До тогаш, си поделувавме вода, си поделувавме грицки и благо, оставивме вода на полицијата, им оставивме цвеќиња, им ги бакнавме штитовите, им ги читавме аудио-снимките за Мартин Нешкоски, им зборувавме постојано зошто треба да ни се придружат. Кога настана една навалица, тргнаа кон нас, со кренати штитови, но, викнавме на смирување, седнавме на земја и ги замоливме да се повлечат. Се повлекоа еден чекор. Никој никому ништо не направи. Разговараа со нас. Тројца од нив лееја солзи на аудио-снимките.
Ја пеевме Химната на Р. Македонија. Тие стоеја исправени. Развиоривме знамиња - македонски, албански и српски, зашто заедно сме посилни - ние, протестирачите! Тие на јарболите ги спуштија, за тага на Мартин Нешкоски и во знак на револт на невладата! Ги браневме полицајците, кога по грешка една возрасна жена, поради немање сила да дофрли подалеку, ги погоди со јајце и со компир! Сплотени бевме, иако застанати едни против други.
Да повторам, сѐ беше мирно до 21 часот!
И тогаш, почна нешто чудно да се случува. Се појавија чудни фаци со фантомки и дуксери врз лицата, со камења во рацете. Тие луѓе не беа таму до тогаш. Тие луѓе не седеа со нас, протестирајќи мирно, а сепак гласно против невладата, а не полицијата. Тие луѓе најверојатно се инфилтрирани провокатори, кои го ескалираа протестот, не размислувајќи колку луѓе ќе настрадаат. Тие луѓе нѐ погодија и нас со камењата, фрлени намерно за провокација! Поради тоа полицијата почна да нѐ турка и потоа насилно нѐ истисна и почна да нѐ шутира, да нѐ удира, не гледајќи ништо пред себе! Тогаш почнавме како улави да скокаме преку бетонските огради! Да креваме жени и деца, да спасуваме велосипеди! Да смируваме девојчиња кои липтаа во шок! Тогаш настанаа ескалациите. Погледнете ги снимките - таму, во тие што фрлаа бехатон-коцки и штици, нема да не' видите нас, кои мирно протестиравме, а потоа почнавме да бегаме како кучиња од шинтери, по булевари и сокаци! Ќе ги видите ликовите, кои претходно не беа со нас!
Денеска, замолувам - протестирачите да направат граѓански кордон, доколку ваквите ликови повторно се појавата! Да се заштитиме себеси од насилие! Ние не сме насилници! Ние не сме како Јанкулоска, Протоѓер, Ставрески, Груевски, Мијалков, Котевски и останатите! Ние сме луѓе кои бараме слобода! Да не дозволиѓе хулигани да ни ја одземат, кога сме веќе на добар пат да ја освоиме! Сопирајте ги насилниците, смирувајте ги револтираните!
KISSES TO ALL, EXCEPT TO THE DICTATORS AND THEIR BRUTAL POLICEMEN!!! ♥♥♥