По сторијата на ЦИВИЛ за двегодишното момче, социјалците интервенираа!

Двегодишното момче од ромска националност кое со питачење, несвесно заработуваше за својот живот, оставано подолг период од блиски роднини на плочникот на плоштадот пред Бизнис центарот во Прилеп, по сторијата на ЦИВИЛ Медиа, објавена вчера со наслов “Двегодишното момче кое питачи е жртва и на системот“, веднаш го предизвика вниманието на прилепските социјални работници.

По работно време, откако детето, кое во сторијата на ЦИВИЛ Медиа го нарековме „Орхан“ е земено од семејството на блиските роднини во ромската населба „Тризла“ во Прилеп,  било однесено во неговиот роден град, Кичево. Сместено е во згрижувачко семејство, каде ја минало ноќта, а веќе денеска изутрина е вратено кај својата мајка. Кичевскиот Меѓуопштински центар за социјална работа ги презел сите законски мерки за едукација на мајката, и ја опоменал дека детето ќе ѝ биде одземено, а против неа поднесена кривична пријава, доколку детето повторно  биде затекнато да питачи на улиците низ Македонија.

САЛИХ АЈДАРОСКИ

 

За овој случај, ЦИВИЛ Медиа реагираше уште пред две недели и побара од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп, одговори на прашањата: зошто досега не е интервенирано кога момчето се злоупотребува на очиглед на целата прилепска јавност подолг период и зошто и покрај ветувањата на ексминистерот Диме Спасов, во Прилеп не е изграден дневен центар за згрижување на деца кои питачат.

ЦЕНТАР ЗА СОЦИЈАЛНА РАБОТА-ПРИЛЕП

Но, одговорот го добивме денеска, веднаш по објавување на сторијата.

„Детето вчера го одзедовме од семејството на неговите блиски роднини во Прилеп и го сместивме во згрижувачко семејство во Кичево. Грижата за ова дете ќе ја преземе кичевскиот центар, а натаму ќе се води постапка според која ќе се утврди чија е одговорноста што ова двегодишно дете е злоупотребувано досега. Мајката работи во село во Поречието. Таа го оставила своето дете кај својата сестра во Прилеп и, како што вели, им давала и редовно пари за храна и облека на детето. Но, сепак, што точно се случувало, ќе се утврди во натамошна постапка“, истакнува Снежана Јовановска, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп.

Со цел да дознаеме што точно се случува со малото момче принудено на питачење од најблиските, ЦИВИЛ Медиа се обрати и до кичевскиот Меѓуопштински центар за социјална работа. Оттаму не известија дека детето вчера по работно време било донесено во Центарот.

„Детето ноќта ја мина во згрижувачко семејство. Денеска е повикана и неговата мајка, дојде во Меѓуопштинскиот центар. Овде социјалните работници едукативно работеа со неа. Детето ѝ е вратено на мајката. Таа е предупредена дека во иднина не смее да го остави детето на ваков начин на улица, туку дека мора да се грижи за него, зашто во спротивно ќе следат санкции против неа“, изјави Дашмир Лимани, директор на кичевскиот центар.

Центарот денеска донел решение за континуиран надзор на родителското право на мајката на двегодишното момче.

Двегодишниот „Орхан“ е дете во вонбрачна заедница. Таткото е во затвор и казната ја издржува во неговиот роден град во југоисточна Македонија. Мајката работи за да преживее во село во Поречието. Таа тврдела пред социјалните работници дека не знае што се случува со нејзиното дете, дека ѝ го оставила на грижа на сестра ѝ во Прилеп.

МАЈКА И ДЕТЕ ПИТАЧАТ

„Орхан“ е само едно од многуте деца од ромска националност, кои нивни блиски роднини ги злоупотребуваат за питачење.

Ексминистерот за труд и социјална политика, Диме Спасов најави жестоки мерки за борба против питачењето. Прилеп беше еден од градовите, каде што според најавите, требаше да биде отворен дневен центар, каде што требаше да бидат згрижени децата кои питачат, за да бидат тргнати од улица, со нив едукативно да се работи, да им се понудат елементарни услови за живот преку ден, а потоа, да бидат вратени во нивните семејства. Но, овие најави не се остварија. Иако директорката на прилепскиот Центар тврди дека во Прилеп нема деца-питачи, граѓаните и натаму неуморно информираат дека има многу деца кои се злоупотребуваат и оставаат по улиците за питачење.

ДИМЕ СПАСОВ

Борбата на ЦИВИЛ за социјална правда, за доследна примена на законската регулатива и за спречување или во најмала рака осуетување на политичарите, да предлагаат мерки само како дел од изборна кампања, продолжува. Сторијата на ЦИВИЛ Медиа која придонесе барем времено да биде тргнат од улица малиот „Орхан“ е труд на граѓанскиот новинар Рубинчо Ристески. Во отсуство на точно, објективно и балансирано информирање на македонската јавност, граѓанското новинарство добива сѐ поголем простор во медумската сфера.

Моника Талеска