За дебатата „Жените во политиката“, дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе три месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, ЦИВИЛ Медиа направи видео-интервјуа со истоветни прашања со политичарките Радмила Шекеринска (СДСМ), Лилјана Поповска (ДОМ), Влера Ејупи (ДРДПА) и Теута Арифи (ДУИ).
ЦИВИЛ Медиа: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат жените во политиката?
ШЕКЕРИНСКА: Клучниот проблем е дека за жените и за мажите во политиката, и во Македонија, и во светот, сé уште не важат истите правила. Критикувани се за теми за кои мажите воопшто не добиваат ни прашање. Во некои ситуации, ако се борат - тогаш се премногу строги или борбени, ако не се борат - тогаш се премногу слаби. Работите кои воопшто не играат влијание кај машките наши колеги, кај жените, за жал, сé уште се цел на многу коментари и го пренасочуваат вниманието од битни кон небитни работи. Затоа, поголемо медиумско внимание ќе добиете за тоа како изгледала некоја жена политичар, во што била облечена, каква и била косата, отколку што кажала и на кој начин, со какви аргументи ја поткрепила својата дискусија и мислење.
ЦИВИЛ Медиа: Кои родови прашања ги застапувате и со какви успеси можете да се пофалите во својата политичка кариера на тема родова еднаквост?
ШЕКЕРИНСКА: Уште во 2002 година се виде дека кога имате план, кога имате цел и кога успевате да создадете коалиција на жени кои претежно исто размислуваат, во различни политички партии, дека можни се и чуда. Кога, некаде во 1994 година, издејствувавме во подмладокот на СДСМ да има место за 30 проценти млади жени во органите, тоа беше навистина реткост. Меѓутоа, тоа беше почетокот кој не доведе до 2002 година, до првата квота за жени во изборниот закон. Сите ние би сакале во македонската политика да има повеќе жени без квота. Многу жени успеаја да станат пратеници и министри, и без таа квота. Меѓутоа, факт е дека бројките беа извонредно мали. Од 2002 година наваму, почна процес на, полека но сигурно, зголемување на бројот на жени во македонското Собрание и, за жал, многу помалку во македонската Влада.
ЦИВИЛ Медиа: Со кои родови прашања (проблеми со правата на жените) ќе настапите на претстојните избори и каква е соработката со Вашата политичка партија во поглед на овие прашања? Колкав простор добива жената во програмата и активноста на Вашата партија?
ШЕКЕРИНСКА: 40 проценти од сите наши органи треба да бидат пополнети со жени, и во принцип, и во создавањето на програмата оваа бројка беше дури и надмината. Меѓутоа, тоа не е доволно. Нашата цел, која ќе биде рефлектирана и во програмата, е до 2020-та година, да одиме кон паритет, значи 50:50 проценти, како шанса проблемите на жените повеќе да дојдат до израз и во програмите. Тоа го забележуваме. На пример, во новата програма предвидуваме брзо ратификување на Истанбулската конвенција за спречување на родово базирано насилство. Предвидуваме во првата и во втората година да се отворат точен број на центри коишто ќе ги нудат услугите што ги бара оваа конвенција за спречување на семејно насилство и лекување на последиците од истото. Второ, во делот на здравство предвидуваме, за првпат, вклучување на едно средство за контрацепција на позитивната листа, за да не биде - жените да плаќаат подеднакво за здравствени услуги, ама нешто што е специфично потребно за жените, секогаш да го нема. Предвидуваме мерки за економско јакнење на жените. Значи, државата да субвенционира поголемо присуство на жените во економскиот живот. Има мерки кои не се само за жените, меѓутоа, многу ќе влијаат на жените, земајќи ги предвид нашите традиционални улоги. А тоа е зголемување на бројот на места во градинките, подобрување на условите во здравството и образованието и севкупна политика на подобар животен стандард. Жените, како што велат, се столб на семејството.
Маја Ивановска
Камера Дехран Муратов
Караванот на слободата е тримесечен фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.