Спасов конечно се појави во јавноста, тврдејќи дека „нема да го скршат“!

Заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, по неколкудневно отсуство од јавноста, во интервју на ТВ Нова, денес изјави дека при полноќниот инцидент минатиот викенд, со службеното возило бегал од неколку лица, кои наводно, го бркале со своето возило, од нему непознати причини. Спасов не објасни зошто молчеше неделава и зошто, токму денес пред прес-конференцијата на МВР, конечно се појави во јавноста, да ја даде својата верзија на скандалот. За жал, немаше ни новинарски прашања, ни негови одговори за тоа - зошто користел службено возило на АВРМ на полноќ, со кого бил во автомобилот, зошто некој друг лажно се пријавил дека возел наместо него...?

146331

Диме Спасов конечно призна дека тој управувал со возилото со кое ноќта направи сообраќајни незгоди. Тој додаде дека бегал од возило со кое се разминал, но не почувствувал и дека се судриле, а потоа, откако било „тропано и удирано“, по неговото возило, автомобилот во кој удрил почнал да го брка по скопските улици. Спасов во емоционалниот настап, истакна дека се работи за „криминално - полициска местенка“ зад која стои „добро подготвено сценарио на СДСМ“.

„СДСМ сака да му наштети на мојот углед и ова е очаен обид да ги запрат моите проекти. Јас ќе им пренесам, дека со ова местенка нема да ме скршат, јас ќе продолжам да работам!“, беше дециден Спасов.

По интервјуто на Спасов, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на прес-конференција соопшти дека МВР ќе поднесе неколку прекршочни пријави против дополнителниот заменик-министер, за сообраќајките што ги направи во петокот вечерта.

oliver_spasovski-mvr-472x312_c

„Пријавите ќе бидат соодветно процесуирани и надлежните институции ќе треба да се произнесат во врска со нив. Утврдени се оштетите настанати при случувањето на двете незгоди. Притоа, според сите факти, а врз основа на Законот за безбедност во сообраќајот, ќе бидат поднесени пријави за напуштање на местото на настанот, бидејќи не постапил по барањата на полицијата и не го сопрел возилото навреме. Утврдено е дека во возилото имало сопатник, Т.К. која дала изјава, своерачно потпишана, дека лицето Д.С. управувало со возилото и дека немало никакви дејствија, дека никој не тропал или удирал по возилото“, рече Спасовски.

Тој додаде и дека лицето М.Т. кое лажно сведочело дека го возело слуѓебото возило „Туарег“, нема да добие кривична пријава за давање на лажен исказ.

Од Министерството за труд и социјална политика побараа од Диме Спасов веднаш да поднесе оставка, а од надлежните, да одговара за стореното дело.

20122014171518_mtsp

„Јавноста и граѓаните на Република Македонија очекуваа одговорност за постапките на неодговорните функционери, како Диме Спасов, а не наместени интервјуа за пласирање дополнителни лаги и манипулации. Спасов, со своето несовесно однесување загрозил имот на граѓани, а можело тоа да бидат и човечки животи! Исто така, Спасов не даде одговор на клучните прашања: Зошто неовластено управувал возила на АВРМ за приватни цели, и покрај задолжените возила на МТСП? Зошто поттикна друго лице лажно да презеде одговорност за инцидентите? Зошто и тој и директорот на Агенцијата за вработување, се повикуваат на непостоечки документ - договор за некаква техничка соработка?“, стои во реакцијата на МТСП.

Ц.М.