Целодневно дружење со ЦИВИЛ и трибина за укинување на привилегиите на функционерите на 5 јуни

Организацијата што постојано е во комуникација со граѓанките и граѓаните и ги креира своите програми и проекти соодветно со суштествените потреби за одбрана на човековите права и слободи, повторно во акција, овој пат во Скопје. По бројните посети на општините низ целата земја, ЦИВИЛ повикува на целодневно дружење во Старата Чаршија, среда, на 5 јуни.

Настанот на денот секако ќе биде трибината „Крај за расипништвото“ за иницијативата за укинување на привилегиите на функционерите што ја поведе ЦИВИЛ на 14 мај оваа година. Трибината ќе започне во 17 часот. Но, претходно, ЦИВИЛ ве поканува на заеднички активности поврзани со различни проекти.

Активностите ќе започнат со доделување пет награди за граѓанско новинарство во клуб Менада, во 12 часот. Бројот на наградите за граѓанско новинарство доделени во изминатите три години веќе е над 100. Церемонијата ќе ја води Џабир Дерала, а на настанот ќе бидат презентирани петте наградени прилози од граѓанки новинарки и новинари испратени во ЦИВИЛ во изминатите три месеци.

Во текот на попладнето, почнувајќи од 14 часот, тимот на ЦИВИЛ ќе постави инфо штанд на проектот Зелена иднина, на платото пред Универзитетот на ЈИЕ, на влезот во Старата Чаршија, во непосредна близина на клубот Менада. Заинтересираните ќе може да се информираат за проектот и за начините на кои можат да се вклучат во активностите за промоција на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот што се меѓусебно поврзани и неделиви области на кои е посветен проектот Зелена иднина.

Во текот на целото попладне, почнувајќи од 13 часот, заинтересираните граѓанки и граѓани ќе имаат можност да се среќаваат со тимот на ЦИВИЛ и да поднесуваат предлози за иницијативи, да пријавуваат случаи на кршење на човековите права, да понудат решенија за проблемите што ги засегнуваат граѓанките и граѓаните.

Како и секогаш, медиумите се добредојдени да побараат информации и изјави за сите теми што ги интересираат.