ЦИВИЛ ги повикува политичките елити на одговорно однесување

Писмото од ЕУ и САД со проценката дека нема услови за одржување слободни избори, се совпаѓа со наодите и препораките на ЦИВИЛ од долгорочниот мониторинг на социо-политичките состојби и процеси во земјата, особено во контекст на изборите и долгогодишната политичка криза.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја поздравува и ја поддржува одлуката на меѓународната заедница која одлучи јасно и недвосмислено да ѝ испрати порака на македонската политичка елита дека е неопходно прво да се создадат услови, а потоа да се спроведат избори.

ЦИВИЛ ја искажува својата поддршка на меѓународниот медијатор Питер Ванхауте и ја изразува својата благодарност за неговата макотрпна работа, за посветеноста и професионалноста, наспроти сите притисоци и опструкции со кои се соочува секојдневно. Ја повикуваме владејачката партија да го повлече своето соопштение кое очигледно е напишано во афект.

ЦИВИЛ ги повикува сите политички и општествени субјекти, кои знаат што е одговорност, да помогнат во процесот за надминување на политичката криза во Република Македонија. Ова се мигови кога непреземањето одговорност за постапките води кон уште посериозна криза со далекусежни и катастрофални последици.

Агонијата во која е втурната Република Македонија може да се прекине само со слободни избори, а за тоа неопходно е одвојување на партијата од државата, пречистување на Избирачкиот список, ослободување на медиумите од партиските стеги и владеење на правото, што подразбира непречено работење и на Специјалното јавно обвинителство.

Го повикуваме претседателот на Собранието Трајко Велјановски и сите политички партии да свикаат итна седница и да ја отповикаат неодамнешната контроверзна одлука за самораспуштање на парламентот и свикување избори на 24 април. Тоа, во овие услови, не е возможно!

Пратениците во Собранието на Република Македонија мораат да покажат интегритет и одговорност кон граѓанките и граѓаните и да одиграат позитивна улога во разрешувањето на политичката криза.

Оваа вест е достапна и на: Albanian