ЦИВИЛ во Теарце

ЦИВИЛ - Центар за слобода веќе распореди набљудувачи во oпштина Теарце кои ја набљудуваат ситуацијата во оваа општина, во пресрет на прегласувањето на избирачкото место 2011 в недела, на 25 декември.

Со цел да придонесат кон јакнење на јавната свест за гласачкото право и да делуваат превентивно против изборните нерегуларности, активистите на ЦИВИЛ ќе отворат информативни штандови на проектите „Напред!“ и „Набљудуваме“ во Теарце, в петок, 23 декември, со почеток во 14 часот.

По одлуката на Управниот суд да се поништи гласањето на гласачкото место бр. 2011 во Општина Теарце, во Шестата изборна единица, тимовите на ЦИВИЛ се интензивно на теренот и го набљудуваат изборниот процес.

Во интерес на слободно остварување на гласачкото право во Теарце, ЦИВИЛ ќе ги информира гласачите во оваа општина за нивните права за слободно и тајно гласање без закани, уцени и притисоци.

Уште еднаш потсетуваме дека ЦИВИЛ ја алармираше јавноста за изборните нерегуларности, измамничките практики, злоупотребите на јавните ресурси и администрацијата, пропустите во работата на Државната изборна комисија и низа други проблеми на овој процес и за тоа секојдневно ја информира јавноста.

ЦИВИЛ ќе продолжи посветено да работи на откривање и објавување на сите антидемократски и противзаконски дејствија на сите актери вклучени во изборниот и политичкиот процес во земјата.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish