ГОРЧЛИВА ПОТВРДА НА ИЗВЕШТАИТЕ ОД НАБЉУДУВАЊЕТО НА ЦИВИЛ

По објавувањето на снимките од прислушуваните разговори кои се однесуваат на начинот на спроведување на локалните избори во 2013 година, станува уште појасно како се спроведуваат изборните процеси во Република Македонија. Најновите откритија се уште една горчлива потврда на јавните настапи и извештаите на ЦИВИЛ. Затоа, уште еднаш треба да ја потсетиме јавноста на нашите извештаи од изборното набљудување во 2013 и 2014 година и ги потсетуваме сите институции и лицата кои имаа и сѐ уште имаат овластувања и законска обврска дека: не реагираа на нашите наоди за грубо кршење на гласачкото право, грубата манипулација и кршењето на Уставот и законите.

Високи владини функционери, меѓу кои и Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, медиумски апологети на владата, како порталот Курир и низа други, јавно ја осудуваа работата на ЦИВИЛ и организациите кои ни помагаа во утврдување, анализа и јавно изнесување на фактите, ги етикетираа луѓето кои ја претставуваат организацијата, им упатуваа јавни закани, вршеа притисоци од најразличен вид и поттикнуваа на линч.

CIVIL REPORT 2014Наспроти притисоците и заканите, ЦИВИЛ успеа да ја исполни својата општествена задача и јавно ги претстави сите наоди за бескрупулозната злоупотреба на институциите во една голема изборна манипулација и измама за време на локалните избори во 2013 година и за време на претседателските и предвремените парламентарни избори во 2014 година.

По оваа објава на снимките од страна на опозицијата, стана сосема јасно и тоа, на кој начин работата на набљудувачите на ЦИВИЛ на теренот беше осуетувана во многу наврати, иако индиции, податоци и јавувања од граѓан(к)и упатуваа на сериозни нерегуларности. Сепак, тимовите на ЦИВИЛ, благодарение на посветеноста, доследноста и професионалноста, успешно разоткрија стотиции случаи на изборни манипулации и кршење на гласачкото право и човековите права и слободи воопшто.

На бројните прес конференции на ЦИВИЛ, детално се презентираа бројните нерегуларности, злоупотреби и манипулации во текот на изборната кампања, на деновите на гласањето и во деновите непосредно по изборите. Од заклучоците на тие јавни презентации на ЦИВИЛ и од извештаите, произлегуваа заклучоците дека изборите во 2013 и 2014 се нелегитимни и дека институциите се целосно партизирани, а медиумите се под контрола и страотен притисок.

ЦИВИЛ – Центар за слобода го изразува својот револт и крајна осуда на одговорните за оваа долгогодишна пракса и уште еднаш ја упатува јавноста на извештаите, анализите и препораките објавени во 2013 и 2014 година.

CIVIL REPORT 2013Во нашите јавни настапи и во извештите ги извлековме фактите и заклучоците дека:

  1. Институциите, медиумите и сите ресурси на државно и локално ниво се во функција на партиите на власт и дека се злоупотребени до крајни граници во бескрупулозна, противуставна и противзаконска пресметка со политичките опоненти и со независните интелектуалци, организации и медиуми.
  2. Република Македонија е во континуирана изборна кампања, без оглед на тоа дали се работи за официјален изборен процес. Граѓан(к)ите на Република Македонија живеат во неизвесност и под постојани притисоци и закани од 2008 година наваму, а кулминација на овие состојби се последните изборни процеси во 2011, 2013 и 2014 година. Република Македонија е во состојба на постојан страв и кршење на основните човекови права. Фундаментите на демократијата и владеењето на правото се загрозени до корен.
  3. Иако малубројна, набљудувачката екипа на ЦИВИЛ во соработка со одважните граѓанки и граѓани открија илјадници фантомски гласачи во многу краток временски период, а на деновите на гласањето открија голем број случаи на гласање на лица со повеќекратен идентитет.
  4. Владејачата ВМРО-ДПМНЕ ја изведе операцијата Пустец. Тоа беше колку противзаконска толку и понижувачка операција на носење гласачи од Пустец, Албанија, кои гласаа во повеќе општини во земјата. Тоа најдраматично се одрази на процесот на гласањето во општина Центар, единствената општина каде операцијата Пустец пропадна. Гласачи од Пустец беа забележани и документирани и во текот на гласањето во 2014 година.
  5. Поткупот на гласачите се движи од најмизерното плаќање по 500 денари по глас и плаќање на заостанати сметки на сиромашните и ранливите слоеви, до ветувања за вработување, унапредување во работата и субвенции. ЦИВИЛ откри манипулации и уцени дури и со социјалната помош и здравствените услуги. Откривме низа случаи на ветувања само за поткревање на позициите на поединци на листите за чекање за работа, јавни услуги или бенефиции, што е уште една илустрација на гротескните размери на манипулацијата.

Во 2013 ии 2014 година, ЦИВИЛ, во својство на организација со официјална акредитација за набљудување издадена од Државната изборна комисија јавно ги посочи сите овие и многу други груби нарушувања кои го доведуваат легитимитетот на изборите под сериозен знак на прашање. Повторуваме: Институциите не одговорија никако поинаку освен со напади, притисоци и етикетирање на ЦИВИЛ, вклучително и со лични навреди и притисоци врз претседателот на организацијата, Џабир Дерала.

Ова не е сѐ. ЦИВИЛ ги документираше и ги објави сите други груби злоупотреби и беззаконие во изминатите години во своите извештаи од изборното набљудување, но и со бројни прилози во пишана форма или со видео, како и во извештаите за состојбите на човековите права и слободи во Република Македонија.

Остануваме посветени и доследни во заложбите за почитување на човековите права и слободи. Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани да се одважат и да проговорат, гласно да ги побараат своите права и слободи, загарантирани со Уставот, законите и меѓународните стандарди.

ЦИВИЛ – Центар за слобода

 

ЛИНК кон публикациите на ЦИВИЛ

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish