По повод Светскиот ден на слободата на медиумите прашавме неколку видни новинари да го изразат своето мислење во врска со состојбата со медиумите кај нас. Новинарот Бранко Героски смета дека постои невидена корупција и целосна контрола на власта врз медиумскиот простор:
Состојбата на полето на слободата на медиумите е драстично влошена до степен што е загрозена плурализацијата на медиумскиот простор, што е темелна вредност за која се изборивме пред две децении. Со досега невидена корупција врз мејснтрим медиумите и особено со речиси целосна контрола врз телевизиите со национални концесии, кликата на Никола Груевски остварува доминација врз јавното мислење, а кога тоа не и’ успева целосно, таа го урива отпорот на новинарите со притисоци и со затворање критички настроени медиуми, но и со затворање новинари, по што сме редок, ако не и единствен пример во Европа. Но, без оглед на се’, јас сум оптимист, бидејќи како и секој друг, така и медиумскиот мрак е најцрн пред зазорување - изјавува Героски.
На прашањето да ја сподели својата лична приказна со ЦИВИЛ, Героски вели:
Немам една приказна за споделување, мојот професионален ангажман во оваа деценија страховлада, всушност, е една збирка приказни за постојани притисоци, секојдневни клеветења и навреди, отворени и јавни закани за физички ликвидации и неколку пријавени случаи во полиција, досега нерасчистени, се разбира. За нас, една група новинари кои доследно го критикуваат овој режим, зад нас е деценија на опасно живеење, на кое веќе и се поднавикнавме. За жал, тоа зборува лошо за нас, тоа покажува дека режимот оставил трајни последици врз нашите животи. Се надевам дека еден ден некој ќе одговара за тоа.
ЦИВИЛ - Центар за слобода покани неколку експерти и уредници да дадат свое мислење за состојбите со слободата на изразувањето и медиумските слободи. Овој серијал е дел од проектот за изборен мониторинг - Напред!, финансиран со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.
Оваа вест е достапна и на: Albanian