Утре (понеделник, 5 декември) во 17 часот, пред бараките на администрацијата на Град Скопје, граѓанските иницијативи „Скопје смог аларм“, „Скопје бара чист воздух“, „Ајде Македонија“, „Сакаме Аеродром да дише“, „Но пасаран“ и „Во одбрана на Дебар-маало“. ќе организираат протест за да го искажат револтот поради аерозагадувањето.
Граѓаните сакаат да го искажат незадоволството од „релаксираноста и од незаинтересираноста на надлежните институции“, и од Град Скопје и локалните општински власти да побараат итни мерки за намалување на загаденоста на воздухот, но и изготвување на долгорочен план за решавање на еколошката катастрофа во македонската престолнина.
„Сите досегашни мерки и стратегии понудени од институциите и од Град Скопје не дадоа резултат. Потфрлија и нивните ветувања дека ќе се дознаат загадувачите, ќе се најдат причините, ќе се преземат сите неопходни законски мерки и граѓаните на Скопје ќе бидат поштедени од понатамошно труење. Скопје и понатаму неконтролирано се урбанизира, се промовира автоцентричниот пристап – автомобилите имаат првенство пред јавниот превоз, велосипедите и пешаците. Се затвораат очите на надлежните институции пред очигледното и документирано незаконско работење на скопските индустриски објекти, дивите депонии, како и домаќинствата, кои во време на економска криза и ниска свест, користат крајно сомнителни суровини за загревање“, соопштија организаторите на протестот.
Оваа вест е достапна и на: Albanian